По извршено сопствено истражување со дозвола од Владата на РМ, инвеститор од Турција одбрал локација за изградба на десет ветерници за производство на електрична енергија од кои четири се во близина на Миравци, општина Гевгелија, а останатите шест на територија на општина Демир Капија, потврди гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков.
На една од последните седници, бидејќи инвеститорот имал намера до крајот на годината да ги уплати финансиските средства потребни за уредување на градежното земјиште, Советот на општина Гевгелија донесе одлука за измена и дополнување на Програмата за уредување на градежно земјиште во општината со која се утврдува висината на надоместокот за земјиштето за градење ветерници да изнесува шест милиони денари по ветерница.
Од општината велат дека според оваа одлука и усвоените измени до крајот на годината турскиот инвеститор во касата на општина Гевгелија треба да уплати 24 милиони денари или околу 400.000 евра за четирите ветерници кои ќе бидат изградени на земјиште кое припаѓа на општина Гевгелија.