Во соборниот храм „Свети Никола“ се одржа свечена литургија со која чиноначалствуваше поглаварот на МПЦ-ОА господин господин Стефан.

Во обраќањето пред верниците г.г. Стефан се осврна на празникот и заштитникот на патниците, децата и сиромашните. Тој забележа дека Свети Никола не им помага само на морепловците, туку ги чува сите верници од бурите во животот.

-Зарем не сме опкружени постојано со проблеми, што се закануваат да не потопат, да не уништат, зар не се случило да се чувствуваме како давеници, па да сакаме да извикаме, како Апостолот Петар кон морето кога извикал „Господи спаси ме“. Зар не сме зафатени од внатрешните бури на страстите и препуштени на разните геополитички урагани, што ни се закануваат и како на црква и како на народ. Сепак и покрај тие бранувања, кои ги претрпуваме додека пловиме по морето на животот, никогаш не смееме да го отргнеме тоа од себе, свеста дека поткрепени од Светиот Николај сето тоа можеме да го надминеме и на сигурно копно да испливаме, вели г.г Стефан.

Тој истакна дека како христијани не треба да потпаднеме кон среброљубието.

-Денес мисла водилка и паролата е „Зграпчи го денот и се што ви нуди“ и не повикува да се насочиме кон придобивање на индивидуален успех, а притоа заборавајќи на потребите на ближните, рече г.г Стефан. Затоа, како што посочи поглаварот на МПЦ–ОА г.г Стефан, како христијани не треба да се потпадне кон таквото среброљубие.

По литургијата се формираше и литија, а на Градскиот плоштад „Слобода“ митрополитот на Брегалничката епархија господин Иларион истакна дека празникот „Свети Никола“ нашиот народ го славел и додека бил во ропство и денес кога имаме своја држава и црква.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски забележа дека Штип го слави својот заштитник со низа на активности во текот на изминатите денови и денеска. На Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип беше поделен и славскиот колач.