Градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски денеска подели околу 200 новогодишни пакетчиња на децата со посебни потреби во Општинското основно училиште „Ванчо Прќе“, центрите за деца со посебни потреби и за аутизам, средното специјално училиште „Искра“, и на децата кои се хоспитализирани на Педијатрија во штипската Клиничка болница.

-И оваа година општина Штип дели новогодишни пакетчиња во неколку институции, а од утринава посетивме и неколку институции. Станува збор за традиција и целта ни е да им ги изнудиме насмевките, со што ќе покажеме дека се грижиме и за едно поправедно и подобро општество за сите граѓани, вели Бочварски.

Директорот на Центарот за социјални работи, Станко Димитров истакна дека е благодарен што и оваа година локалната власт покажала внимание кон децата, кои ги посетуваат Центрите за посебни потреби и за аутизам. Според него годината што изминува е одлична и во делот на соработката со локалната власт.

Со финансиската донација од фирми и од Општина Штип, конечно е и завршена и постапката за добивање на комбе, со коешто секојдневно ќе се превезуваат децата од нивните домови до центрите. Се очекува целата постапка да заврши наредниот месец, а веќе од февруари да почне и превозот на децата со новото комбе.