Фолклорни групи и оркестри кои работат во состав на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ вечер ќе настапат на завршниот новогодишен концерт. Директорот на установата, Методи Толевски информира дека на концертот и годинава ќе биде претставена традиционалната песна и игра од Пијанец.

-На вечерашниот концерт кој ќе започне во 18 часот ќе настапат, Фолкорната група „Никола Јонков Вапцаров“, Оркестарот на народни и изворни инструменти и Пејачката група „Ѓурѓа“. Ова се наши групи кои работат во состав на нашиот Центар за култура. Новогодишниот концерт на публиката и оваа година ќе им ја понуди традиционалната игра и изворна песна од Пијанечкиот крај, како и од другите делови на Република Македонија. Покрај презентацијата на автентичната народна култура, ќе се презентира и се што е сработено во изминатата година, рече Толевски.

Додаде дека годината која изминува Фолклорната група „Вапцаров“ ја завршува со голем број настапи на реномирани меѓународни фестивали во земјава и странство, а остварени се нови пријателства, пред се со фолклорни друштва и ансамбли од Бугарија и Турција.

Завршниот новогодишен концерт на НУЦК „Н.Ј.Вапцаров“ е дел од богатата новогодишна музичка програма која се реализира во соработка со Општина Делчево, а настанот е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.