Турболентна година оставаат зад себе прилепското стопанство, работниците, социјалниот сектор, граѓаните. Имаат многу проблеми за решавање во 2019 година. Бараат, главно решавање на економските, а не политичките проблеми и подобрувањето на животот на граѓаните.
Стопанството се фокусира на проблемот со стручниот кадар, зашто голем е одливот во странство. Според Јасмина Цветаноска од приелпската регионална стопанска комора, ќе почнат да го помагаат процесот прво со поттикнување нови стручни кадри од средните училишта.
– Новите идни кадри ќе имаат ментори од стопанството, ќе се обучуваат. Таа практична настава ќе ја одржуваат ментори од компаниите и од училиштата. Во целата комуникација се вклучени регионалната стопанска комора, компаниите, средните стручни училишта, Центарот за стручно образование и обука и швајцарскиот проект едукација за вработување. Како втор проект на кој ќе се осврнеме во почетокот на 2019 година е анализата на дефицитарен кадар на регионално ниво, вели Цветаноска.
Работничките права се на преиспитување и стагнираат, оценува лазар Ангелески претставник на гранковиот синдикат за индустрија, енергетика и рударство. Ситуацијата во последниот загубар „Еурокомпозит" се уште е отворено прашање, но две, битни работнички права се решија- бенефицираниот стаж за рударството, оттука за вработените во Мермерски комбинат, и вклучувањето на 154 работници од Еурокомпозит во законот за технолошки вишок. Најавата за скратување на правата во приватниот сектор го зајакнува апелот за синдикално здружување.
– Мислам дека работничките права не се унапредуваат. Или стагнираат или имаат тенденција да се намалуваат. Што се однесува до приликите во Прилеп, има неколку позитивни работи кои се случија: носењето на законот за пензиско и инвалидско осигурување во однос на бенефицираниот стаж, со кој работниците од рударството, конкретно од прилепскиот Мермерски комбинат ќе може да заминат порано во пензија. Потоа, се донесоа, конечно, измените на законот за работниците од „Еурокомпозит" да може да бидат опфатени како технолошки вишок и 154 работници од оваа државна компанија ќе може да остварат повисок надомест до пензионирање. Инаку, голготатата во оваа наменска фабрика продолжува, се уште не е најдено решение. 100-ината работници кои останаа немаат ниту плата, ниту здравствено осигурување, а оние кои заминаа како технолошки вишок ќе продолжат дапротестират по празниците барајќи ги отпремнините, вели Ангелески.
Во однос на синдикалното организирање, тоа е на незавидно ниво. Во ниту една фирма од приватниот сектор работниците не се синдикално организирани и се доведуваат во прашање нивната положба и остварувањето на нивните права. Како најава, за 2019 година, ќе се носи нов закон за работни односи кој, сигурно, нема да биде поповолен од сегашниот.
– Особено загрижува фактот што работодавците предлагаат измени во општите колективни договори за приватниот сектор со кои бараат намалување на дел од правата. Така што, претстои година во која работниците ќе мора посериозно да одговорат на предизвиците кои ги има и треба да сфатат дека доколку не се организирани во синдикат, многу тешко ќе ги остваруваат своите права, изјави Ангелески.
Социјалната заштита претендира да биде правична, вели Живко Силјаноски, директор на приелпскиот Центар за социјални работи. Во Прилеп се 700 корисници на социјална помош по речиси 20 основи, а во регионот 1.600. Бројот се намалил во споредба со лани, главно, поради одредени врботувања и одливот во странство. Но, се зголемува свесноста за користење помош за нега и за слепите и глувите лица.
– Турболентна беше годината и во поглед на социјалните права за ранливите категории семејства. Во Прилеп по 20-ина основи право на паричен надомест остваруваат околу 700 семејства, а во регионот со општините Кривогаштани, Долнени се околу 1.600. Бројката бележи мал пад во споредба со претходната година, главно поради одредени вработуања, и на тоа влијае заминувањето на голем број на жителите во странство. Но се зголемува бројот на лицата кои ќе користат додаток за нега, а и за слепите и глувите лица. Ова е поради фактот што се повеќе лица станувата свесни дека може да го користат тој додаток да им помогне во животот. Во очекување сме на нова законска регулатива со која одредените поими за парична социјална помош, ќе бидат заменеи со гарантирана минимална социјална помош. Преку софтвер ќе се прочистат сите податоци за да се добие пореална слика за вистинските граѓани и семејства ги користат соодветните средства од социјалната државна помош согласно со законот за социјална заштитата. Во секој случај, во наредната 2019 година се очекува омекнување на критериумите за користење социјални права и да се зголеми опфатот на лицата и семејствата на кои таа им е најпотребна, објаснува Силјаноски.
Прилепчанецот Соте Спиркоски, сега пензионер, по професија тутунски техничар, поранешен вработен во приелпскиот тутунски комбинат прави анализа на 2018 и очекувањата за 2019 година. Вели, го разбира годинава фокусот на надворешната политика, но сега е време на целосно винимание на економијата.
– На Прилеп му требаат инвестиции, работа, зајакната економија и задржување на младите да не заминувата во странство. Го сфаќам фокусот на политиката оваа година за членството на Македонија во ЕУ и НАТО. Но сега е време за економијата. Оти, само финансиски ситуиран граѓанин е среќе. Доста е со омраза, треба да се смират страстите.Политички фрустрираниот граѓанин не е задоволен ниту од себе си, ниту од околината, вели Спиркоски во надеж и исчекувањ ена новата 2019 година.