Со песни, ора и забава охриѓани и гостите новогодишната ноќ ја дочекаа во угостителските објекти, на градскиот Плоштад, а дел и во домашна атмосфера.
Иако организирано за многу кратко време градскиот Плоштад беше преполн, а присутните ги забавуваа Ѓоко Танески, Жармена, групите Бетис Бупс и Бекдор бенд и ди-џеј Петар.
Михаил Мишев од Здружението на угостителски еснаф во изјава за медиумите посочи дека иако организирано во краток рок, кога ќе се направи со позитвина енергија резултатите се одлични.
-Мене ми е драго што охридскиот плоштад, шеталиштето и угостителските објекти се полни со расположени луѓе. На сите им посакувам среќна Нова година и поуспешна повесела од оваа што помина, рече Мишев.
Од туристички аспект тој посака постојано да созреваат и да одат напред. – Да направиме еден квалитативен прескок во понудата да ги задржиме задоволните гости и да се зголеми бројката од задоволни гости. Да се шират убави искуства како порака, тоа ќе ни биде најубава реклама и за градот и за земјата, порача Мишев.
Пеачот Ѓоко Танески посака сите да се живи, здрави, весели, среќни да веруваат во себе и да слушаат македонска музика.
На новогодишната ноќ Брзата помош имала една интервенција кај повредени во тепачка, двајца во алкохолизирана состојба биле пратени на инфузија и кај неколку лица што се пожалиле на стомачни тегоби.
-Имавме релативно мирна новогодишна ноќ. Имавме две пијани лица, повредени од тепачка и со стомачни тегоби, изјави за МИА доктор Ана Неделкоска.