Изминатата новогодишна ноќ беше една од најмирните во последните години без ниту еден примен пациент под дејство на алкохол,дури невообичаено мирна за медицинскиот персонал во Општата болница во Гевгелија, соопшти денеска директорот Митко Крџев.
Во гевгелиската Брза помош во текот на новогодишната ноќ имало дваесетина амбулантски прегледи и седум домашни посети но без ниту еден посериозен случај за итен медицински третман, рече Крџев.
Надлежните од полициската станица во Гевгелија исто така информираа дека новогодишната ноќ во градот и населените места во општината минала мирно, без проблеми и посериозни нарушувања на јавниот ред и мир. Употреба на пиротехнички средства имало но незначително во споредба со изминатите години.
За среќа на граѓаните, новогодишната ноќ минала и без ниту една интервенција од страна на гевгелиските пожарникари.