Турците од сeлото Лисичани, Кичевско, денеска протестираа пред џамијата Абди Бајрактар, против раководството и имамот кои се сменети уште од август- но не ја напуштаат џамијата ниту ги предаваат клучевите. Селаните одлучија да го кренат својот глас, и да ја раскажат вистината за имамот кој насила ја држи позицијата спротивно на нивната волја. Предупредуваат дека политиката преку локалната самоуправа е позадината што го штити имамот.
-Веќе 3 години е имам но освен сопствени бизниси, физички пресметки со верниците и политички одработувања не направи ништо. Луѓето дат по други џамии и не доаѓаат овде на петочните молитви. Човекот го штити локалната власт во Кичево, од ДУИ и кичевското муфтиство, раскажува Рушит Миртовски, новиот претседател на џамискиот одбор пред камерата на Алфа.
Се жалеле и до кичевската полиција и до Исламската верска заедница. Втората ветила оти ќе се заложи но епилог нема, а старото раководство уште царува. Една од причините, велат селаните е албанизација на локалното население со помош на локалната самоуправа во Кичево.
-Само сакаме на мир да се реши она што легално си го избраа селаните. Не може на сила да владее. Нас не ни треба политика туку да имаме џамија отворена за да си дојдеме кога сакаме, вели Садан Даутовски, новиот оџа.
Вратата на кичевското муфтивство беше затворена во обид да се добие одговор од муфтијата Муртен Исени. Тој избегал од телевизиската екипа кога се приближиле и му објасниле за што се таму.
Инаку Лисичани брои околу 1500 жители, над 95 отсто Турци, останатите Македонци. Жителите велат дека веќе ни децата не учат турски во училиште оти локалната власт вработувала наставници кои не го зборуваат турскиот јазик. Селаните апелираат дека ако ИВЗ не се заложи за случајот ќе бараат помош од турската амбасада во земјава.