Битолската Клиничка болница го зголеми степенот на мобилизација во зимски услови, а причина за тоа се зголемениот број на лица со скршеници или други повреди предизвикани од снежниот бран што го зафати овој град.
Портпаролот на Клиничка болница-Битола, Сузана Коневска изјави дека секој пациент се прифаќа веднаш, и му се пружа неопходната лекарска помош.
-Одделението за ортопедија е исполнето во целост, а новите пациенти ги сместуваме во Одделението за физикална терапија и рехабилитација. Менаџментот одлучи да се зголеми степенот на мобилизација во болницата во зимска услови и да се надмине оваа ситуација, посочи Коневска.
Локалните власти во овој град апелираат на внимателност и почитување на препораките за движење на пешаците и возилата, соработка и трпеливост за полесно справување со снегот и мразот во Битола.