Ред здравици, ред жалби за високи давачки, но и надеж дека 2019-та ќе биде успешна искажаа сопствениците на чевларските претпријатија на традиционалната претпразнична средба во Куманово. Во пријатна атмосфера разговараа за плановите за 2019-та, но се пожалија на недостигот од работници, високи давачки при извоз на готови и полуготови производи и увоз на репроматеријали, незначителна поддршка од власта за индустријата.

Секој од нив носи чизми и чевли, изработени од својата компанија, сите препознатливи по одлична изработка на кожата, така што не може да не се забележи карактеристичниот дизајн и умешноста на работниците и занаетот што се пренесува со генерации во градот.

Но, она што е карактеристично е што годинава се затвориле шест мали компании, четири од Куманово и по една од Охрид и Штип. Во овој период дел од фирмите ќе одат на пауза. Зимската сезона веќе е завршена и ќе се подготвуваат за пролетната. Дотогаш работниците ќе одмараат, а работодавците ќе ги сумираат резулатите. Се надеваат паузата да биде што е можно покуса, за да можат да функционираат.

Сопственикот на една од компаниите Вилијам Бојковски, вели дека 2018-та била незначително подобра во однос на претходната година. Сепак, вели може да се работи и поуспешно и да се зголемат платите, доколку државата понуди помош за фирмите, преку субвенционирање на придонеси, или субвенционирање на извезените производи.

За неговиот колега Ивица Петровски, сопственик на друга чевласка компанија, минатаа година била успешна. За него, најголем проблем е недостиг на работници. Тој појаснува дека веќе минималната плата кај нив не е минимална и се движи и до 18.000 денари.

-Зголемуваме плати на четири месеци, ама нема работници, обучените си заминуваат по разни основи, пензија, некои се селат во странство, нестабилна е оваа категорија работници, а ви треба време да ја обучите од три до шест месеци, појаснува Петровски.

Зголемувањето на минималната плата не го издражаа најмалите фирми од оваа индустрија.

-Субвенционирањето или воведувањето квота за извезен пар чевли можат да се постигнат ефекти, меѓу нив зголемување на личниот доход на вработените, со цел да се задржат работниците. Се најавуваат економски мерки за 2019-та, очекуваме и нашите барања како дел од стопанската комора да се остварат, вели, Слаѓана Петровска од кумановска компанија.

Минатата година оценува претседателката на здружението на чевлари Куманово, Лидија Милановска била солидна за оваа индустрија.

-Зголемувањето на давачките не го издржаа најмалите компании, иако поголемите се обидоа да им помогнат. Обврските се големи, а ние не ги зголемивме нашите цени, вели Милановска.

Законите се добри, но условите за исполнување се нереални. Оваа година ги очекуваат средби веднаш по завршување на празниците.

-Наше е да се избориме за мерки кои ќе бидат прифатливи за сите, вели Милановска.

Од осамостојувањето до денес, најдобра година за индустријата беше онаа пред економската криза, бидејќи овие компании се поврзани со странските компании од Италија и Германија. Освен во државите од Западна Европа, овие компании ги пласираат производите на домашниот и регионалниот пазар. Практиките како функционира оваа индустрија во Италија, домашните компании сакаат да ги применат и во Куманово и генерално во Македонија, со соработка со образовни институции во насока на обезбедување високо-квалификувана работна сила, преку поддршка во месеци кога компаниите не работат, до помош од државата со цел, зголемување на платите на работниците.

Во чевларското здружение членуваат 47 компании од Македонија, најголем број од нив или 37 се од Куманово.

Александра Максимовска