Ване Лазаров од кавадаречкото село Бегниште, на четиригодишна возраст, синоќа прв пат беше маскиран во џоломар. Беше најмлад џоломар на василичарското празнување кое трае и денес.
Со тоа како што изјави за МИА неговиот чичко Орданчо Лазаров, младиот бегништанец ја продолжува повеќевековната селска традиција на маскирање за Василица.
– Многу ми е убаво, рече младиот Ване, додека од семејството појаснија дека и неговиот татко се уште се маскира, а дедо му е во моментов најстариот џоломар кој со џоломарската група, ја претставува традицијата на Бегниште по домашни и странски карневали.
– Сите делови од опремата му се интересни и сака сите да ги има на него, нагласи чичкото.
Џоломарската група е составена од повеќемина мажи. Тие се облечени со кожувчиња и имаат грпки, маскирани се со долги бради и мустаќи, исцрнети се со саѓи по лицата. На половините им висат клопотарци, со нив и со стапови прават огромна врева и ги бркаат лошите духови. Прават место за добрината. Во групата има и мажи преправени во невеста и баба, тие ја симболизираат новата година и плодноста, како и мудроста.