Жители од штипската улица „Панче Караѓозов" денеска покренаа иницијатива за поголема безбедност на нивната , но и на соседните улици.

Тврдат дека веќе десет години се мета на крадци, од нивните куќи и дворови се крадат алати, врати, паричници, а последната се случила за време на викендов во домот на семејството на Марјан Стојчев.

Кражбата се случила во саботата кон недела во раните утрински часови, кога семејството се вратило од семејна веселба. Стојчев раскажува дека откако влегле во домот по неколку минути слушнале како крадците им тропаат во дворот, излегле и затекнале двајца, како им крадат дрва. Едниот успеал да побегне, но вториот крадец заглавил во дворот на соседот, неможел да побегне поради високите ѕидови и огради. Додека семејството ја чекале полицијата, на помош на крадецот му дошле уште три лица наоружани со секири и кама.

-Нападнаа врз нас, по што ние почнуваме да се повлекуваме на назад во дворот на соседот и бегаме да се скриеме и во еден момент едниот замавна со секира кон мене и имам повреда, а во истиот момент гледам секира како друг замавнува кон главата на син ми. Среќа што таму имаше жица за постилање на алишта и секирата удара во жицата, инаку детето ќе ми го убиееја, вели Стојчев.

Мештаните од овој дел на градот раскажуваат дека во изминатите години имале и блиски средби со крадците во своите домови, кои им краделе пари, паричници, алати, дрва и покуќнина. Тие од денеска со помош на петицијата ќе бараат поголема безбедност на нивната улица, односно од страна на полицијата да ги засилат контролите од страна на маалските полицајци.

Од СВР-Штип велат дека последниот случај е регистриран и работат на негово расчистување и фаќање на крадците и напаѓачите со секири. Забележуваат дека на овој дел имаат контроли од страна на позорникари, но истите ќе бидат засилени во наредниот период.