Вандалски чин повторно резултираше со уништување на новопоставената урбана опрема во централното градско подрачје на Македонска Каменица. Во последниот случај, како што велат надлежните, мета на вандалите биле новопоставените улични светилки на оградата од училишниот двор на СОУ „Миле Јаневски Џингар”.

Директорот на Јавното претпријатие „Камена Река”, што е задолжено за одржување на урбаната опрема, Влатко Андоновски информира дека утрово во Македонска Каменица, на неколку локации биле забележани и превртени контејнери за отпад, како и поголем број на уништени корпи за отпадоци.

-Ова не е прв случај да се уништува урбана опрема во Македонска Каменица. Изминатите месеци во неколу наврати беше уништен значителен дел од урбаната опрема на градскиот базен, поголем број на клупи, канделабри, сообраќајни знаци, како и искорнати и уништени садници во централното градско подрачје на Македонска Каменица и кејот на Каменичка Река. Мораме да констатираме дека ваквата состојба негативно се одразува врз општественото живеење и повлекува одговорност на неодговорните кои се надеваме дека во најскоро време ќе бидат казнети, вели Андоновски.

Од Општината и ЈП „Камена Река“ уште еднаш апелираат до граѓаните совесно да се однесуваат кон заедничкиот имот во градот.

Градоначалничката Соња Стаменкова, најави санирање на постоечките настанати штети за кои ќе бидат искористени допилнителни средства од Буџетот на општина Македонска Каменица.