Градот Кавадарци, селата приклучени на градскиот водовод Лукар и селата со локален водовод каде се врши хлорирање на водата, со вкупно 40.740 жители или 95 проценти од вкупното население во кавадаречка и росоманска општина, редовно се снабдуваат со хигиенски исправна вода за пиење, додека кај пет отсто од населението или за 2.142 жители водоснабдувањето е ризично, преку локални селски водоводи, природни чешми и бунари.

Ова го покажува извештајот од следењето на состојбата со водоснабдувањето и квалитетот на водата за пиење во двете општини за минатата година.

​-Јавната здравствена установа – Центар за јавно здравје Кавадарци врши испитување на исправноста на водата за пиење како од градскиот водовод Лукар, така и на сите останати водоводни објекти ( локални селски водоводи, чешми и бунари) во општините Кавадарци и Росоман, за МИА појаснува раководителот, доктор Трајче Ризов, специјалист по хигиена.

​Во текот на 2018 година биле испитани вкупно 547 мостри на вода за пиење.

-​Од нив, 409 мостри се испитани од градскиот водовод Лукар (градска мрежа,стопански организации и села приклучени на градскиот водовод). Сите се како физичко-хемиски, така и бактериолошки исправни, односно водата е безбедна за пиење, информира Ризов.

​Околу 96 мостри од вода за пиење земени од селските локални водоводи од кои само кај неколку се врши дезинфекција на водата односно хлорирање, а останатите се оставени сами на себе , покажуваат голема бактериолошка неисправност и тоа од 60 до 90 проценти.

​-Кај останатите 58 мостри земени од други водоводни објекти (природни чешми и бунари), водата покажува исто така висок процент на бактериолошка неисправност од 70 до 80 отсто, соопштува Ризов.

​Тој појаснува дека кај бактериолошки неисправните мостри на вода се изолирани бактерии индикатори на фекално загадување, најчесто ешерихија коли и колиформни бактерии, предизвикувачи на цревни заразни заболувања, додека физичко-хемиската неисправност е поради тоа што кај најголем број на локалните водоводи, не се врши хлорирање на водата.

Докторот препорачува да се изврши асанација на сите локални селски водоводи и да се спроведе редовно дезинфекција, односно хлорирање на водата, за да се добие безбедна вода за пиење и кај ова 5 отсто од населението.

Ризов е раководител на подрачната единица на Јавната здравствена установа Центар за јавно здравје Велес.