Изложбата „Црн петел, црвена кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“, која од 7 февруари е отворена во Етнографскиот музеј во Загреб, бележи позитивни одгласи во хрватските медиуми, соопшти Музејот на Македонија, кој ја подготови изложбата во соработка со Археолошкиот музеј од Скопје.

-Изложбата презентира еден мал дел од култовите на плодноста кои се практикувале на територијата на Македонија од предисторијата до денес, а во Етнографскиот музеј во Загреб е со назнака „содржина што не е дозволена за помлади од 15 години“, наведува Музејот на Македонија за гостувачката изложба која во хрватската престолнина ќе остане до 7 април.

Изложбата е уникатна по начинот на презентирање на разнородни предмети и визуелни материјали, кои се разликуваат типолошки и хронолошки. Култовите и обредите на плодност се претставени преку разни форми на предмети, женски фигурини од предисторијата (антропоморфни и зооморфни жртвеници), опрема од обичаите под маски, велигденски јајца и делови од женската народна носија.

-Плодноста во најтесна смисла се поврзува со опстанокот на човештвото, но и со внесување елементи на еротика во секојдневниот живот на луѓето (ламби и садови со еротски сцени и претстави во антиката). Таа еротика на некој начин низ вековите се пренесувала и преку усното народно творештво со песни, приказни, поговорки и гатанки, како еден вид вербална магија, со цел да иницираат плодност и кај човекот, и кај природата. наведува Музејот на Македонија.

Автор на изложбата е Јован Шурбаноски, а коавтори Јасемин Назим, Александра Папазовска и Владимир Боцев.