Младинскиот ансамбл на културно-уметничкото друштво „8 Октомври“, што функционира во рамки на Националната установа Центар за култура Крива Паланка, интензивно се подготвува за планираниот настап на 14-тиот Интернационален детски фолклорен фестивал „Чинарчик Јелоуа“ во Република Турција.
-Пробите се одржуваат три пати во неделата, станува збор за игроорки и игроорци на возраст до 15 години. Ги усовршуваат кореографиите Егејска, Игри и песни од Источна Македонија, Драчевка и новопоставените кореографии што ги презентираат богатиот фолклор и мелос од нашиот регион, информира кореографот Александар Петровски.
Според него, покрај детскиот фестивал во Турција во годинашната програма се предвидени настапи на традиционалните фолклорни фестивали во државата, но и на интернационални фестивали во Србија, Бугарија и Турција.
– Во рамки на друштвото функционираат четири ансамбли, детски, два младински и првиот ансамбл, со стотина игроорци. Пробите се одржуваат три пати неделно, вторник, четврток и сабота, а во овој период во тек се и уписите што ќе траат до 23 февруари, додаде Петровски.
КУД „8 Октомври“ Крива Паланка е најстарото фолклорно друштво во градот, формирано во 1974 година. Годинава одбележува 45-годишен јубилеј на постоење.
Концертниот репертоар е богат со 10 кореографии со вкупно времетраење од над 100 минути, а се карактеризира со елеганција во изворно обогатениот фолклор, нагласена динамика и мелоритмичен темперамент.
Од раководството истакнаа дека постојано работат на унапредување на соработката со сите фолклорни друштва во и надвор од границите на државата. ид/сд/