Манифестацијата „Град на културата“ иницирана од Министерството за култура, прифатена и поддржана од општините во Македонија, почна да се реализира во 2004 година и од тогаш 15 години континуирано, општините учествуваат во културниот натпревар на идеи преточен со презентација на бројни јавни настани.
Премиерата и втемелувањето на манифестацијата „Град на културата“ почна во Штип, а потоа низ неизбежно конкурирање, лобирање и убедување, еден по еден, 14 градови успеваат да ја добијат номинацијата. Градот Велес, со одлука на Министерството за култура дури два пати, во 2005 и во 2015 година беше избиран за град на културата. Анализата потврдува дека токму во 2005 година заради успешна реализација на програмата, тогашната локална самоуправа успева да го врати сјајот на Велес со 255 културни манифестации и содржини, а Делегацијата на ЕУ дополнително ја наградува креативноста на тамошната локална самоуправа со 155.000 евра. Десет години подоцна, велешани повторно инспирирани, посебно со пуштањето во употреба на реновираниот театар, приредуваат незаборавни културни настани и манифестации.
Доверба да се стекнат со признанието „Град на културата“, во првите пет годни од востановувањето на манифестација, освен Штип (2004) и Велес (2005), добиваат и Прилеп (2006), Куманово (2007) и Битола која за Град на културата е номинирана во 2008 година. Во овој период, во Прилеп посебен интерес предизвикува манифестацијата „Денови на Крали Марко“, во Куманово се промовира преземањето од општината на Опсерваторијата Кокино како историско-културен и туристички центар, а во Битола се регистрираат низа квалитативни и квантитативни културни настани, изложби, концерти, промоции на книги, но и свечености посветени на тогаш избраниот прв почесен граѓанин на Битола, Ајри Демировски, авторот на песната „Битола мој роден крај“, кој по долгогодишен престој во Турција, каде денес почива, токму во 2008 година доаѓа во посета на родниот крај. Во рамки на манифестациите, НУ Завод и Музеј-Битола промовира исклучително квалитетен двд-материјал, видео презентација изработена од Јове Парговски, за спомен собата на Мустафа Кемал Ататурк која се наоѓа во битолскиот Музеј.
Втората „петка“ македонски градови на културата ја предводи Радовиш (2009), потоа следат Кавадарци (2010), Гевгелија (2011), Кочани (2012) и Крива Паланка (2013). Проектот на Министерството за култура ја потврдува оправданоста, културните настани се дисперзираат и се достапни за побројна публика, желна и љубопитна за повеќе содржини. Очекувано, радовишани во прв план ја ставаат меѓународната поетска манифестација „Караманови поетски средби“ и ги отвораат вратите за уметниците за незаборавно Радовишко културно лето. Следната, 2010 година град на културата во Македонија е Кавадарци што според анализата, споредено со другите општини, организира и приредува најголем број културни настани, рекордни 400 содржини за една година. Не е мал бројот на креативни содржини и во Гевгелија која во 2011 година номинацијата „Град на културата“ ја почнува и прославува со вечер на староградски песни и настап на ансамблот „Распеани гевгеличани“. Општина Кочани, пак, во наредната 2012 година акцент става на добро познатиот Драмски аматерски театарски фестивал и секако оригиналните „Денови на оризот“, додека пак во Крива Паланка, културните манифестации почнуваат со отворање на нова археолошка поставка со над 150 археолошки предмети, македонски бронзи и накит, посребрени садови и монети.
Во 15 годишното опстојување на манифестацијата „Град на културата“ свој придонес имаат и општините Крушево каде во 2014 година беа „откриени“ нови локации за промоција на културни настани што се одржаа на брегот од Крушевското Езеро, а по двојната номинација на Велес, во 2016 година општината Дојран ја користи шансата за унапредување на културата во тој регион, но и Берово каде во 2017 година титулата град на културата беше оправдана со 100 најразлични манифестации. Последниот град во овој „културен ѓердан“ е Демир Хисар, од чиј извештај за реализирани активности во 2018 година се забележуваат фолкорни и рок концерти, ликовни и фото изложби, театарски работилници и филмски проекции. Свежи се сеќавањата од изложбата „Лица“ на младата уметница Воскресија Андреевска, музичко-поетскиот перформанс на писателот, уметник и музичар Владо Манчевски познат под псевдонимот Волтер Мани Ал Хаким, уметничкиот хепенинг на групата ПАТЕМ, како и престојот на фотографи од Чешка кои инспирирани од песните на писателот Петре М. Андреевски, приредија изложба на фотографии со наслов „Можев да ти бидам“ или „Пофалба на Демир Хисар“.
Серијалот настани избрани поводно за манифестацијата Демир Хисар-Град на културата во 2018 година, беше заокружен меѓу другото со изложба на уметници од странство на тема „Рајот постои – 15 години Арт Поинт – Гумно“, предавање за „Значењето на нематријалното културно наследство на Република Македонија“ од професорката по етномузикологија Велика Стојкова Серафимовска, а предавање на тема „Аутсајдер (маргинализирана) уметност“, одржа Јасмина Котевска, историчар на уметност. Очекувано, манифестацијата град на културата заврши со фото изложба на тема „Демир Хисар град на културата“.
Може ли нешто да се подобрува во организацијата на оваа манифестација!?
Ако се знае дека уметноста е создадена за да се почувствува, тогаш логично е да се има чувство за менаџирање на културни новини базирани на евалуирани податоци. Од анализата на извештаи за реализирана манифестација, јасно се забележува дека градовите се потпираат на потенцијалот на локалните и националните институции, односно домови на културата, музеи, театри, библиотеки…, но не е мал бројот на младите уметници, креативци и алтернативци кои со своите идеи внесуваат свежина и нови културни традиции, пронаоѓаат нови локации и нудат нов културен израз. Во извештаите не е посочена забелешка за недостиг од финансиски средства за организирање настан, што подразбира рационално и ефикасно трошење на, како што вика нашиот народ – „броени“ пари. А, можеби токму ограничените буџети се причина за малото, скоро незабележливо учество во културните манифестации на гости од странство, со ретки исклучоци. Патем, не е на одмет ако Министерството за култура го зголеми степенот на транспарентност на постапката за избор на Град на културата, бидејќи освен поголема видливост на натпреварот, ќе се обезбеди и навремено донесување на одлуката за избран град, на пример три до шест месеци порано пред почетокот на календарската година. Во таква ситуација, ќе се знаеше кој е Градот на културата за 2019 година!
Марјан Танушевски