Кандидатот за претседател за Република Македонија Гордана Силјановска Давкова е задоволна од резултатот од првиот круг од претседателските избори. Смета дека ова за неа е квантен скок во политиката, додека пак СДСМ и Заев доживеале квантен пад од последните избори односно изгубиле дури 40 проценти од гласачите споредбено со минатите локални избори. Затоа, вели, СДСМ и Зоран Заев имаат криза на легитимитетот.
Таа во гостување во централниот дневник на ТВ Сител нагласи дека апстиненцијата е поголема во албанските средини бидејќи, како што рече, Албанците веќе не дозволуваат никој, па ниту премиерот Зоран Заев, да прави трговија со нивните гласови.
-Апстиненцијата може да се гледа од повеќе агли. Прво, факт е дека таа е далеку поголема во албанските средини отколку во македонските, а јасно ни е зошто. Зашто по појавата на еден граѓански ориентиран, едуциран кандидат каков што беше Блерим Река, Албанците односно албанските гласови не се согласуваат веќе да служат нивните гласови за етнопартиска трговија, туку се спротивставија на тоа, додаде Силјановска Давкова.