Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Деркоски открива какво сценарио е можно ако нема цензус од 40 отсто во вториот изборен круг на 5 мај. Можно ли е да се отвора Уставот за промена, односно интервенција во конкретен член за да може да се направи избор на шефот на државата во Собрание, ако по евентуално неуспешниот втор круг се распишат веднаш нови избори?

-Ако се закажат избори ќе треба да се почека да завршат тие избори, па после да се премине кон таква една постапка, ако владејачкото мнозинство има таква намера. Недореченоста во законските одредби, на пример членот 122 во Изборниот законик кој ја уредува таа обврска, вели само дека се одржуваат нови избори, ама нема ни кога ни рок. Тоа дава можност за шпекулации од овој вид. Нормално би било веднаш по објавување на конечните резултати на Државната изборна комисија да се распишат нови избори и да се оди во организација на нови избори, истакна Деркоски во емисија „Отворено на Алфа“.

Но тој е убеден дека ако постои намера за такво нешто власта нема да чека распишување на нови избори.

-Сметам дека владејачкото мнозинство доколку се одлучи на промена на Уставот со кој Претседателот ќе се бира во Собранието, веројатно тоа ќе го прави пред распишување на нови избори, нагласува претседателот на ДИК.

Според него резултатите од првиот круг се реален одраз на ситуацијата во која се наоѓа државата.

-Како Оливер Дерковски а не како претседател на ДИК, сметам дека резултатите се сериозна порака за политичарите дека треба да се случат некои промени во државата што ќе бидат позитивен исчекор. Причините се повеќе, ама одговорноста паѓа секогаш на оние кои што владеат , како и на сите оние кои 30тина години ја воделе државата, меѓутоа оној што владее во моментот, е најодговорен за таквата ситуација. Ова е порака која треба да ја сфатат сериозно, оти ако не ја сфатат, граѓаните ќе им испратат уште пожестока порака и ќе навлеземе на една потешка политичка криза, предупредува претседателот на ДИК.