Македонско научно друштво (МНД)-Битола, со поддршка од Министерството за култура, го издаде новиот, седми број на списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“.

Во најновиот број на „Современи дијалози“ застапени се авторски трудови на 50-тина писатели од државата и 30 писатели од странство, изјави Весна Мундишевска Велјановска, главен и одговорен уредник на списанието.

-Овој број на „Современи дијалози“ отсликува палета на современата естетика на бидувањето експонирајќи ги пукнатините на матрицата на животописот, вкрстувајќи ги урбаното и руралното, реалното и иреалното, искуственото и филосовското, распостилајќи читателска авантура со возбудлива текстуалност чија метрика ќе разбуди сечија љубопитност за нетрпеливо исчекување на зачетокот на изненадувањето. Во рубриката „Поезија“ застапени се 16 македонски поети со 100-тина поетски творби, во рубриката „Проза“ поместени се16 раскази и три извадоци од романи на 12 македонски писатели, а рубриката „Драма“ содржи извадоци од драмски дела на двајца македонски писатели, истакна Мундишевска Велјановска.

Рубриката „Акценти“, додаде, во овој број e посветена на писателот и член на МНД-Битола, Радован П. Цветковски годинашен добитник на наградата „Книжевен жезол“ која ја доделува ДПМ за поетски опус со високи естетски вредности, додека рубриката „Преводи-препеви“ ја претставува поемата „Смртта на волкот“ од францускиот книжевник од крајот на 18. и почетокот на 19. век – Алфред де Вињи.

-Рубриката за меѓународна соработка „Паралели“ содржи 80-тина творби, поткрепени со кратки биографски податоци за 30 писатели од 21 држава и тоа Словачка, Тајван, Велика Британија, Казахстан, Зимбабве, Грузија, Србија, Босна и Херцеговина, Монголија, Данска, Иран, Азербејџан, Косово, Естонија, Франција, Бугарија, Словенија, Шведска, Хрватска, Црна Гора и Турција, рече Мундишевска Велјановска.

Новото издание на „Современи дијалози“ има и осум илустрации, сите авторство на Љубица Мешкова-Солак, ликовен уредник на последните три броја на списанието.

Новина во овој број е формираниот меѓународен уредувачки одбор кој го сочинуваат осум истакнати писатели од Словачка, Тајван, Велика Британија, Србија, Русија, Босна и Херцеговина и Монголија.