Министерот за култура Хусни Исмаили денеска оствари работна средба со в.д. амбасадорот на Катар, Хамад Јасим Ал-Махмуд, на која беа разменети информации за досегашната соработка меѓу двете земји и нагласени заложбите за интензивирање на културните врски, што би се постигналo со поголемо ангажирање и иницијативa од двете страни, соопшти Министерството за култура.

Културната соработка меѓу Република Македонија и Државата Катар до 2011 година се одвиваше без постоење билатерален документ кој би ја регулирал соработката и поради тоа обемот на реализирани активности беше минимален.

-Со желба за интензивирање на соработката на културен план меѓу Република Северна Македонија и Државата Катар, во октомври 2011 година при посетата на емирот на Катар, Шеик Хамад бин Калифа Ал Тани на нашата држава, потпишана е Спогодба за соработка во областа на културата. Во согласност со Спогодбата, во 2012 година Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ реализираше гостување во Националниот театар на Катар во Доха. На 38-то заседание на Комитетот на УНЕСКО за светско наследство кое во 2014 година се одржа во Доха, учествуваше и македонска делегација која беше составена од претставници на Министерството за култура и на Управата за заштита на културното наследство, наведува Министерството за култура.