Министерот за култура Хусни Исмаили во рамки на својата работна посета на Истанбул, Република Турција денеска го посети македонскиот штанд на 38. Меѓународен саем на книгата. Во организација на годинашниот комесар – Здружението на албански издавачи од Скопје, се одржа промоција на литература од турски автори преведена од издавачи од нашата земја.
На промоцијата, како што соопшти Министерството за култура, се обрати и министерот за култура Исмаили кој истакна дека во рамки на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата, веќе неколку години се поддржува учеството на овој значаен меѓународен настан.
– Претставувањето на ова книжевно богатство на Саемот на книгата во Истанбул е исклучителна можност за афирмација на творештвото на нашата земја, а истовремено и можност пред турската и светската јавност да ги претставиме сопствените литературни и културни потенцијали и достигнувања, подвлече министерот Исмаили.
Министерот Исмаили вчера присуствуваше и на претставувањето на творештвото на младите македонски автори Славица Гаџова-Свидерска, Петар Андоновски, Фросина Пармаковска и Михајло Свидерски пред турската читателска публика. Настанот, во организација на Културно-информативниот центар во Истанбул, беше во рамки на проектот „Претставување на македонски автори во Истанбул“ во организација на издавачката куќа „Восток“.
На Меѓународниот саем на книгата во Истанбул, кој е е еден од водечките светски саеми за книга со над милион посетители, нашата земја е претставена со значајни книжевни изданија од албанските и од македонските издавачки куќи.