Со премиера на најновиот филм на Милчо Манчевски „Врба“, што ќе се прикажува од вечерва до среда поради огромниот интерес, прилепскиот Центар за култура „Марко Цепенков“ ги почнува активностите за одбележување на 40-годишнината од основањето на Домот на културата „Марко Цепенков“.

Во текот на месецов, најавуваат од Центарот за култура, во знакот на големиот јубилеј ќе се одржуваат бројни концерти, претстави, изложби. Помеѓу културните настани се: премиера на претставата за деца „Ивица и Марица“, концертот на солисти „Амбасада на мајсторство“ од Санкпетербуршката школа од Русија, изложбата „Фрагменти“ од скулпторот Жарко Башески, а ќе се одржи и пијано-маратон. Во одбележување на 40-годишниот јубилеј ќе се придружат уметниците од Прилеп на заеднички концерт на 14 ноември.

Домот на културата „Марко Цепенков“ дејноста ја започна во 1979 година. За отворањето била прикажана театарската претстава „Факел“ од Коце Солунски, посебно направена за таа пригода. Како значајна културна установа, ги поттикнувал аматерските дејности: фолклорот, сликарските школи, литературните, драмските и фото–клубовите. Во 90-те години од минатиот век, во состав на Домот на културата е и Културнопросветната заедница (КПЗ) на Прилеп, потоа списанието за литература, уметност и култура “Стремеж“, како и Центарот за современа ликовна уметност. Прераснува во Центар за култура „Марко Цепенков“ со професионална и значајна издавачка, ликовно-галериска и сценско–музичка дејност. Во 2004 година го добива статусот национална установа во чиј состав до ден-денес е Народниот театар „Војдан Чернодрински“.

Како што нагласуваат од Центарот за култура „Марко Цепенков“, оваа национална културна установа го создава, го чува и го негува богатото културно наследство, учествува во културниот раст на градот кој изнедрил големи културни дејци: писатели, сликари, актери, музичари, слободоумни луѓе со визија. За својата репрезентативна културна дејност е добитник на највисоката награда „3 Ноември“ што ја доделува градот Прилеп.