Со бројни културни, спортски, протоколарни настани, Куманово ќе ги одбележи 75 години од ослободувањето и 500 години постење на градот, најави на денешната прес-конференција-градоначалникот Максим Димитриевски.

Манифестациите на кои учествуваат повеќе здруженија, ги организираат општината, секторот за култура и фондацијата за култура и спорт.

-Сме поминале многу убави моменти во нашата историја, Куманово е мултикултурен центар и треба да продолжиме во рамки на добар соживот да го градиме Куманово во модерен центар. Оставивме траен белег не само во македонската, туку и во историјата на Балканот како центар во кој се случија големи збиднувања- рече Димитриевски и ги покани кумановци да ги проследат настаните.

Празничните денови почнаа од 1 ноември и ќе траат до крајот на месецов со возобновената „Кумановска гитаријада“. Општина Куманово ќе биде домаќин на странски делегации, претставници од законодавната, извршната и судската власт. На 10 ноември Куманово ќе се збратими со Нови Сад, ќе се одржи свечена седница на советот, ќе бидат доделени ноемвриски награди и ќе се положи цвеќе на Спомен костурницата.

Раководителот на секторот за култура, информираше дека се определени 700.000 денари за одбележување на празничните манифестации.

Фондацијата за култура и спорт, информираше директорот Нино Величковски, досега обезбедила 3,5 милиони денари од бизнис заедницата кои тековно пристигнуваат и до крајот на неделата ќе се затворат за да се реализира целокупната програма, не прецизирајќи колку се авторските договори за пејачите кои ќе настапат. Од Општината се заблагодарија за поддршката на бизнис заедницата и општествено одговорните компании.

Во рамки на одбележувањето, три вечери по ред ќе има мега концерти на кои се застапени повеќе домашни и изведувачи од земјите од регионот, а е водено сметка да се запази мултиетничкиот карактар на Куманово. Работното време на угостителите во трите дена ќе биде продолжено, улицата „Гоце Делчев“ ќе биде делумно затворена за сообраќај.

Покрај кумановски пејачи ќе настапат и Некст Тајм, Џенан Лончаревиќ, Лепа Брена…