Списанието за култура и книжевност „Акт“ во 66-тиот број донесува повеќе литературни прилози, а воведниот текст на главниот уредник Братислав Ташковски е посветен на бугарскиот поет Љубомир Левчев, кој почина во септември.
Од добитникот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата во 2010 во „Акт“ се внесени песни од циклусот „Призрачна слобода“ од неговата книга „Тажна светлина“ која наскоро ќе биде преведена на македонски јазик. Списанието содржи и страници посветени на Анте Поповски, како и поезија од Виолета Танчева-Златева, Ерол Туфан, Џери Марфи, Кире Неделковски, Алеш Јеленко, Камила Евија…
Шеесет и шестиот „Акт“ содржи извадок од романот на Блаже Миневски „Мрежата на Мамли“ за кој Венко Андоновски во рецензијата пишува дека е „роман со пресвртничко влијание врз иднината на македонската литература“, како и осврт („За фактот и фикцијата во кажуванката на (рас)кажувачот“) на Весна Мојсова-Чепишевска за „Години од слама“ на Братислав Ташковски.
Во списанието може да се прочитаат и раскази од бугарската писателка Марија Герџикова-Атлиман, текст на Иван Котев („Бескрајниот свет на приказните“) за сликовниците на д-р Ана Витанова-Рингачева, прилози за 31. Поетска ноќ во Велестово, која се одржа од 16 до 18 август 2019, и за деветтиот национален слем-натпревар.
Меѓу другото, застапен е и Горан Тренчовски со текстот „Од кратка проза до филмска фикција“ посветен на филмска адаптација на раскази од Димитар Солев и Живко Чинго, а за кинокултурата се осврнува Трајче Кацаров во текстот во драмска форма „Во киното не се пука“.