Македонскиот народен театар ја подготвува претставата „Најкратки драми на светот“ во режија на Трајче Ѓоргиев. Насловот е преземен од истоимената збирка кратки пиеси објавена пред 20 години, приредена од театрологот Јован Ќирилов.
-Од изборот на четириесеттина пиеси од исто толку автори, издвоени се единаесет кои со својата драматуршки фрагментирана форма градат една заокружена сценска слика – калеидоскоп низ кој се прави пресек на театарот од првата и дел од втората половина на претходниот век, а чии врзивни елементи се тоталитаризмот, недоразбирањето, тегобноста, зачуденоста, времето како не(с)фатлива категорија, општата состојбата на апсурд. Секоја од овие пиеси „минијатури“ на Муза Павлова, Чехов, Хајнер Милер, Каринти, Фридман и други автори, од својата „неконцизна“ основа го повикуваат хуморот како спас од вртлогот на безизлезноста и гротеската што неретко е опачина на слободата, соопшти МНТ.
Во претставата играат актерите: Снежана Коневски-Руси, Габриела Петрушевска, Марија Новак, Нино Леви и Кире Ѓоревски. Сценографијата е на Трајче Ѓоргиев и Татјана Блажевска-Христовска, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска, а изборот на музиката се на режисерот и драматургот Дарко Јан Спасов.
Премиерата е закажана на 25 ноември на малата сцена во МНТ од 20 часот, а првата реприза ќе биде на 29 ноември.