Дали е опаднат квалитетот на книжевните фестивали на сметка на квантитетот и појавата на нови манифестации за литература, колку се тие привлечни, добро организирани и посетени, се некои од прашањата отворени на денешната трибина и воедно годишно тематско собрание на членовите на Друштвото на писателите на Македонија.
Некои од учесниците со став дека има голем број локални книжевни фестивали, но мал е бројот на републичките кои, пак, тешко го фаќаат чекорот со времето, не се актуелни и современи, а често нивни учесници не се писателите и членовите на ДПМ.
-Манифестациите сега како да ги организира секој кој сака и секој кој може. Тука навлезе и политиката, и бизнисот, и најразлични менаџирања. Дел од тие манифестации се одржуваат по инерција и со застарен, анахрон концепт. Многу малку се обновуваат со свежа крв и нови идеи. Македонскиот писател го нема ни на фестивали надвор од границите, нема реципрочни гостувања на делегации од ДПМ, а често членовите на оваа најстара писателска асоцијација не се ни поканети на книжевни манифестации. Писателите се снаоѓаат индивидуално, сè се сведува на принципот: јас тебе – ти мене, рече Петрески.
Нагласи и дека писателите се тие што првенствено треба да ги има на книжевните манифестации кои најверојатно за да придобијат публика во поново време често се мултимедијални и организираат и настани од музиката, филмот, театарот…
-Нашите книжевни манифестации малку се трансформираа и видоизменија во лоша смисла и во погрешна насока. Им треба враќање на она што некогаш беа Струшките вечери на поезијата или Рациновите средби. Таму беа писателите и доаѓаа и врвни странски автори. Јас сум за нови и млади автори, но без етаблирани и афирмирани, не може да имате ниту локална, а не пак меѓународна манифестација, додаде Петрески.
Според Мито Спасевски, книжевните манифестации се значајна инфраструктура на писателското творештво и треба да им се посвети поголемо внимание од ДПМ и од надлежните институции за, како што рече, тие да бидат регрутен центар и афирматор на творештвото.
-Одделни го издржале новото време и бреме, одделни згаснале, но имаме и појава на други нови модалитети на книжевни манифестации. Ни треба разгранување и мапирање, зашто официјално ние и не знаеме колку манифестации имаме, каде се распоредени и како функционираат. Се разбира, тука е важно и нивниот дофат до меѓународните сфери – соработката со одделни земји да се продлабочи, а со оние со кои ја немаме – да се афирмира, рече Спасевски.
Новото време и развиената технологија, од друга страна, овозможуваат постојана достапност до книжевни творби неврзано со простор и време во кои се ограничени фестивалите кои најчесто се одржуваат еднаш годишно. Алтернација на фестивалите кои некогаш се затворени за пошироки кругови сè повеќе стануваат книжевните читања во мали простори. Тие може да се организираат неколку пати во годината, некаде и месечно, во литературни клубови во општините итн.
Според поетесата Елена Пренџова, важноста на книжевните читања треба да се изедначи со важноста на книжевните фестивали затоа што, како што рече, алтернативната сцена денес е многу повидлива и погласна, а со тоа и помоќна.
-На книжевните читања и алтернативни здружувања треба да им се даде иста помпа како и на книжевните фестивали. Треба да ја искористиме предноста на Интернетот, како и блискоста и сличноста на јазиците во регионот, за да се воспостават посилни врски од оние што сега воопшто ги имаме. Кај алтернативната сцена се работи за поединци, не за групации и здруженија, а убавото е и во тоа што книжевните читања се отворени и се појавуваат нови луѓе кои допрва треба да навлезат во книжевните води, рече Пренџова.