По повод еден од најголемите праославни празници Хрстовото раѓање, Божик, во Бигорскиот манастир беше промовирана првата збирка со беседи (проповеди) на игуменот, Архимандрит Партениј, насловена „Бог се јави во тело, воскресна во слава“.
Всушност, овој настан беше подготвен од монашкото братство и сестринство како изненадување за нивниот игумен и духовен раководител и воедно, со него започна празнувањето на илјадагодишнината од основањето на Свештената Бигорска Обител.
Како промотор на книгата, од страна на братството беше поканет отец Бобан Митевски од Скопје.
-Отец Партениј говори, би рекол, со леснотија и спонтаност, фиксирајќи се на одредена главна тема во една проповед, околу која го составува мозаикот. Така, на пример, читајќи ја книгата, со едно чувство на ексклузивност што ми го овозможија браќата и сестрите монаси, ги забележав следните главни теми, и тоа: во Божикните омилии: смирение / мир / вера, надеж и љубов / острастената човечка природа – обновена од Воплотеното Слово / обожение; во Пасхалните: Преобразување на светот преку сведоштво / преобразување и лично воскресение / за жедта по Бога / Воскресението Христово – постојана наша реалност и за совршената Христова љубов, рече отец Митевски.
Посочи дека сите теми се постојани, актуелни, потребни и за почетниците и за тие што веќе напреднале во духовниот живот. Овие теми се и „поттикнувачки и отрезнувачки, и те воведуваат и те утврдуваат“.
-Авторот на беседите настапува моќно, внесувајќи го читателот со силен вовед, кој најчесто е сублимат на чувството, на она духовно треперење произлезено од молитвата и расудувањето пред самиот празник. И така говори низ целиот текст, сигурно, со таа негова препознатлива љубовна доза на строгост, но истовремено и со длабока емотивност – чиниш како тука да ти зборува и да го слушаш тој толку познат мелодичен глас што говори во такт и во прецизни интервали, и те тера да слушаш, но истовремено и ти го активира умот да размислуваш. Главно, те успокојува, рече отецот.
Во предговорот на книгата, напишан од монасите, стои дека „во 2020-то лето од Рождеството на Господ и Бог и Спасителот наш Исус Христос, се исполнуваат точно илјада години од основањето на Свештената Бигорска Обител на чесниот и славен Пророк Претеча и Крстител Господов Јован“.
-Едно цело илјадалетие исполнето со Евангелска проповед и сведочење за радоста што произлегува од животот во Христа! Кон тоа милениумско проповедање возгласување на Словото на вистината и на радоста, во последните две и пол десетлетија, мошне усрдно и сеоддајно се приклучува и пастирското слово на нашиот возљубен Старец и Игумен, Архимандрит Партениј, кој, низ духовничката му дејност и искуство, се покажува како вистински, преку духот, очевидец и служител на Словото (сп. Лука 1,2), пишува во Предговорот.
Во него се додава дека впрочем, според Божјата семудра Промисла, илјадагодишниот јубилеј на Бигорскиот Манастир се совпаѓа со педесетгодишнината од раѓањето на Старецот и дваесет и пет годишнината од неговата монашка и свештеничка служба кон Бога“.