Кумановската библиотека „Тане Георгиевски“ и оваа година ќе го збогати книжниот фонд со лектири и белетристика во четири одделни набавки, информираа денеска надлежните од јавната општинска установа.
За набавка на книги лани биле одвоени 1,5 милион денари од буџетот на библиотеката и од блок-дотациите.
-Во текот на 2019 година библиотечниот фонд беше збогатен со 835 наслови белетристика односно 2853 книги на македонски, албански, англиски, српски јазик, 149 нови наслови лектири односно 1955 примероци на македонски и албански јазик, изјави Христина Алексовска, директор на библиотеката.
Околу пет илјади кумановци се редовни корисници и членови на библиотеката кои редовно зајмуваат книга. На двата оддела – за возрасни и за деца, дневно минуваат околу 250 читатели. Најголем број се средношколци и студенти кои користат лектири и стручна лиетаратура, но значителен е процентот на кумановци од средната генерација кои зајмуваат белетристика, различни жанрови.
-Во соработка со издавачките куќи, оваа година продолжуваме со организирање минисаеми, работилници, промоции, поетски читања, со цел популаризација на читањето и особено внинамние ќе посветиме на најмладите, рече Алексовска.
Со книжен фонд од 220 000 примероци, кумановската библиотека е меѓу најдобро снабдените во земјава.