Стрипот како уметност во земјава не се изучува како посебен предмет ниту во основното образование, ниту во Средното уметничко „Лазар Личеноски“, ниту на Ликовната академија во Скопје. Во отсуство на стрип-уметност и стрип-творештво во формалното образование, Стрип-центарот на Македонија од Велес (СЦМ – Велес) веќе 20-тина години преку неформалното образование на младите со стрип-училишта, работилници, стрип-конкурси за меѓународниот стрип-салон и стрип-колонии, како и со своја богата издавачка стрип-дејност, кај младите успешно ги популаризира и ги афирмира стрип-уметноста и стрип-творештвото.

Стрип-училиштето на СЦМ – Велес во изминатите години работеше како проект преку разни меѓунардни фондови, а во 2019 година преку Министерството за култура првпат доби финансиска поддршка од државата. По распишаниот конкурс за проекти за годинава СЦМ – Велес деновиве од нив нетрпеливо очекува позитивен одговор за Стрип-училиштето во Велес да продолжи со работа и ова лето.

Стрип-училиштата поттик за стрип-творештво меѓу младите, но и за откривање млади стрип-таленти

Како што информира за МИА, Ване Трајков, раководител на СЦМ – Велес, целта за организирање на Стрип-училиштето е преку културно-едукативна мисија младите и талентирани цртачи да се заинтересираат за стрип-уметноста и да ги научат тајните и финесите на цртање стрип.

– Целта на нас како организатори е кај младите вљубеници во уметноста да ја поттикнеме љубовта кон стрипот. Воедно преку работата на Стрип-училиштето да откриеме и нови, и млади, и талентирани цртачи, кои се иднината на македонскиот стрип, кој последниве години е во подем и за кој има сè поголем интерес кај младите, појасни Трајков.

Тој информира дека во изминатите 20-тина години, откога работи СЦМ – Велес, досега организирале петнаесетина слични и вакви стрип-училишта и работилници за стрип за млади од различни возрасти и национална припадност, а на кои заеднички им била љубовта кон цртањето и стрипот.

– Можеме да се пофалиме дека токму преку нашите училишта за стрип сме поттикнале на стрип-творештво и сме откриле многу млади талентирани стрип-автори. Некои од нив потоа станале и се веќе познати кај македонската и пошироката меѓународна стрип-сцена, појасни Ване Трајков.

Тој информира дека СЦМ – Велес во нивната просторија во Велес, која се наоѓа во локалната библиотека, во сите изминати години континуирано работи Стрип-училиштето за млади од градот.

Тој појаснува дека и надлежните преку Министерството за култура лани се заинтересирале за Стрип-училиштето, на кое му дале финансиска поддршка. Заради веќе остварената соработка, очекува од нив дека ќе продолжи и годинава.

Поради сè поголемиот интерес на младите од земјава за стрип-уметност, тој најавува дека ако добијат поголема финансиска поддршка од надлежното Министерство, освен во Велес, ќе организираат Стрип-училишта и во други градови во земјава.

– СЦМ – Велес би можел да организира вакви и слични стрип-училишта за млади и во други градови во земјава и со многу повеќе учесници. Со тоа ќе придонесеме за понатамошен развој на стрип-уметноста, односно стрип-творештвото меѓу младите во земјава, потенцира Ване Трајков.

Инаку, сите нацртани стрипови на Стрип-училиштето 2019 во Велес потоа успешно беа презентирани преку стрип-изложби во Велес, Куманово и во Кавадарци.

Младите творат стрип по свои идеи и свои измислени јунаци

Томе Трајков, програм-координатор на СЦМ – Велес, потсетува дека во ова Стрип-училиште во Велес, одржано на 25 и 26 јуни лани во просториите на средношколскиот дом „Лазар Лазаревски“, твореа 14 талентирани учесници основци и средношколци од Велес, Куманово и од Кавадарци.

Тие твореа стрипови, кои сами ги креираа според сопствени идеи и свои измислени јунаци, а на разни теми што го засегаат секој млад човек без оглед на етникумот.

Тој појасни и дека некои од нацртаните стрипови опфатиле и теми како што се дискриминација, човекови права и сл.

– Ова беше логично продолжение на циклусот вакви сродни активности, кои со финансиска поддршка од разни донатори досега ги имаше организирано СЦМ – Велес, појасни Трајков.

Стрип-училиштето на СЦМ – Велес, кое во изминатите 20-тина години се организираше и во околината на Велес во Богомила, Папрадиште, Нежилово и Горно Врановци, а лани и во Велес, им нуди можност на младите од земјава да ги научат тајните на стрип-уметноста и да научат да цртаат стрип.

Творечки занес и асистенција од професори и искусни стрип-ментори

При мојата посета на Стрип-школата во 2019 се сеќавам дека убаво можев да ја почувствувам нивната творечка енергија и занес кон стрипот, кој внимателно го цртаа, со асистенција од своите наставници и искусните познавачи на стрип-уметноста.

Тие наведнати и занасени над листот бела хартија најпрво со молив ги цртаа контурите на своите јунаци од стрипот што самите ги измислиле. Сите имаа некоја своја замислена тема и свои замислени јунаци и силни пораки од нацртаниот стрип.

Видов и теми што навлегуваат во дискриминацијата и човековите права гледани од нивни агол со јасни пораки до сите оние што ќе го видат нивниот стрип.

Младите жедни да ги научат тајните на стрип-творештвото

Мерима Сулејмани, средношколка од Куманово, ни изјави дека беше пресреќна што учествуваше во Стрип-училиштето во Велес, бидејќи многу го сака стрипот.

Андреј Анѓеловиќ, исто така средношколец од Куманово, од 10 години е посветен на цртањето и многу го сака стрипот, а и самиот црта стрипови.

Тој во Стрип-училиштето со своите врсници споделуваше идеи за стрип-уметноста.

Во Стрип-училиштето во Велес црташе свој стрип инспириран од филмот „Господар на прстените“, а со негови измени направи свое оригинално стрип-дело.

Тој ни најави дека стрипот и цртањето и понатаму ќе бидат дел од неговиот живот, но само како хоби, а не како животна професија, бидејќи смета дека во земјава тешко може да се живее само од стрип-уметност.

Сибел Исмаилова, деветтоодделенка од ООУ „Блаже Конески“ од Велес, ни изјави дека е пресреќна што беше учесник во ова Стрип-училиште, каде што црташе стрип на тема „Роденденска забава“.

– Девојчето не знае дека другарките ѝ подготвуваат изненадување – роденденска забава и кога дознава почнува да плаче од среќа, појаснува малата Сибел.

Ни рече дека во Стрип-училиштето од своите наставници и другите ментори научила како се црта стрип, како се сенчи и други техники на стрип-уметноста.

Снежана Стефановска, која е нивна професорка по ликовно од ООУ „Васил Главинов“ од Велес, информира дека сите учесници во Стрип-училиштето и претходно биле активни и на стрип-работилници и успешно наградувани како учесници на стрип и други ликовни конкурси.

Таа појаснува дека тие како професори во училиште ги откриваат талентите, а кои потоа преку Училиштето за стрип имаат можност да се надградат и да стекнат нови знаења, како и да разменат искуства со останатите врсници – талентирани за уметност.

Нејзин ученик е Мартин Здравковски, кој го освоил првото место на тема „Постер на мирот“ што го организирал Лајонс клубот на ниво на држава, а потоа ја претставувал нашата држава во Чикаго во САД.

– Многу бев среќен за оваа награда и тоа што ја претставував нашата држава во САД. Јас почнав да цртам и да учествувам на натпревари од второ одделение, кога мојата наставничка го откри мојот талент за цртање. Потоа се заинтересирав и за стрипот, кој преку ова училиште за стрип уште повеќе го засакав, појасни Мартин.

Тој потенцира дека во Училиштето за стрип научил како правилно се црта стрип и стекнал и разменил искуства со свои врсници и размислува и понатаму да продолжи да црта стрипови.

Aна Колевска е средношколка од Кавадарци и, како и останатите, беше среќна што беше учесник во Училиштето за стрип.

Го нацрта стрипот „Изгубеното дете“ и ни појасни дека нејзината порака е упатена до мајките, секогаш добро да ги чуваат и да внимаваат на своите деца.

Ана потенцира дека учеството во Училиштето за стрип ја поттикнало и понатаму да продолжи да црта стрипови.

Миланка Гаровска, професорка по музичко, која во слободното време се занимава со ликовна уметност, а во Стрип-училиштето беше преку невладината организација „Живот“, вели дека наставниците како ментори се тие што ги насочуваат учениците. Ни појаснува дека во текот на наставата гледаат кој ученик колку е надарен за уметност и други предмети.

– Четворицата ученици што ги донесов во Стрип-училиштето во Велес имаа цртачки способности и беа одбрани како ученици што можат да постигнат одредени резултати. Особено со овој проект бидејќи, освен нас, нивните професори, во Училиштето за стрип имаше и искусни стрип-цртачи, а кои нашите ученици уште повеќе ги насочија за стрип-уметноста и стрип-творештвото, појасни Гаровска.

Таа оцени дека во земјава има голем број млади стрип-таленти, но треба некој стручно да ги насочи, а надлежните финансиски да помогнат за развој на стрип-уметноста, особено кај младите.

Воедно појаснува дека преку стрип-училишта и работилници, но и преку претставување на стрипот преку стрип-изложби, многу повеќе млади може да се заинтересираат за стрип-уметноста.

Според неа би било добро и надлежното Министерство за образование и наука да воведе и часови за стрип-уметност во рамките на наставата по ликовно.

Нејзин ученик е Ѓорѓи Антевски, средношколец од Куманово, кој ни појасни дека уште од мал црта стрип и дека тоа му е најинтересната насока на уметноста.

– Заинтересиран сум за стрипот и уживам да цртам стрип и затоа сакам тоа да биде моја идна професија, вели Ѓорѓи.

Неговиот стрип што го нацртал во Стрип-училиштето е психолошки, говори за последиците што можат да го стигнат човекот што направил злосторство. Потенцира дека затоа стрипот може да има голема улога во насочувањето на размислувањето кај младите.

Ѓорѓи Манчев од Кавадарци, еден од менторите во Училиштето за стрип во Велес, кој е од невладината организација „Совет за превентива против малолетничка деликвенција“, појаснува дека не е вклучен во формалното, туку во неформалното образование на младите.

Тој нè информира дека во нивниот Клуб на млади во Кавадарци доаѓаат многу уметници што младите ги насочуваат кон уметноста.

Воедно оценува дека Стрип-училиштето во Велес придонесува за нивно надградување во стрип-уметноста и затоа треба да продолжи, како и да се организира и во други градови.

Манчев информира дека од четирите учеснички на кои им беше ментор во Стрип-училиштето, две веќе имале свои изложби на стрип, а две се одлични во цртање. Тие во Стрип-училиштето во Велес научиле многу за стрипот, неговите тајни, како се црта и кои се неговите правила.

Според него, Стрип-училиштето во Велес е многу важно за младите ликовни уметници и посебно за заинтересираните за стрип и затоа треба да продолжи да се развива и понатаму и да има и други активности поврзани со него.

Затоа СЦМ – Велес заедно со своите локални партнери, невладините организации „Живот“ од Куманово и Совет за превентива против малолетничка деликвенција од Кавадарци и ООУ „Васил Главинов“ од Велес, сметаат дека ова Стрип-училиште треба да прерасне во традиционално и да вклучи што повеќе млади стрип-таленти од целата држава.

Во формалното образование во земјава никаде не се изучува стрипот

Влади од други земји одделуваат огромни суми за стимулација на стрипот во нивните земји, а на ликовни академии стрипот се изучува и му се посветува големо внимание.

– Во Хрватска стрипот се изучува факултативно, а на Ликовната академија во Софија се изучува два семестра во групата за дизајн и илустрација.

Стрипот во Македонија не се изучува како посебен предмет ниту во основното образование, ниту во средното уметничко „Лазар Личеноски“, ниту на Ликовната академија.

Томе Трајков потенцира дека затоа бараат од надлежните тоа да се смени и да го има во наставата.

Воедно искажува голема благодарност кон Министерството за култура, што многупати во изминатите 20-тина години финансиски ги поддржало стрип-работилниците и колониите, како и Меѓународниот стрип-салон во Велес да продолжи и во иднина.

Воедно лани првпат дале поддршка за Стрип-училиштето во Велес и затоа очекуваат заемната соработка да продолжи и годинава и во иднина и во други градови во земјава и со поголем број учесници.

Со трпелива и континуирана работа овие млади таленти ќе го најдат своето место во светот на стрипот

Томе Трајков појаснува дека тука пред сè се мисли на учеството на младите стрип-автори од земјава на разни меѓународни конкурси и стрип-фестивали во други земји. Тој потсетува дека некои од младите стрип-автори од земјава веќе успешно учествувале на вакви фестивали и колонии на стрип во Ваљево, Рашка, Лесковац и Белград, Србија.

Тој потенцира дека важна улога за развој и афирмација на стрип-творештвото во земјава во балкански и пошироки рамки има афирмираната Меѓународна стрип-колонија/стрип-салон што СЦМ – Велес лани го одржа по 17, а се подготвува годинава да го организира и 18-то издание.

Од СЦМ – Велес очекуваат и сè повеке стрип-дела на млади автори во нивното издание „Стрип-креатор“, која е единствената постојана стрип-ревија во земјава, а од која досега имаат издадено 32 броја.

СЦМ – Велес во изминатите 20-тина години има издадено повеќе стрип-книги и циклус на хроники за македонскиот стрип.

Во подготовки им се и нови стрип-книги и други стрип-изданија, а за кои има сè поголем интерес кај младата и возрасната стрип-публика.