Вечерва во 20:00ч, во двораната Колосеј во Љубљана премиерно ќе биде прикажан филмот Сите против сите во режија на словенечкиот режисер Андреј Кошак. Филмот е копродукција помеѓу Словенија, Македонија и Хрватска. Една од главните улоги ја толкува македонскиот актер Благој Веселинов чија работа неодмна беше потврдена со наградата Shooting Stars Award на берлиналето. Монтажер на филмот е Мартин Иванов, а продуценти од македонската страна се Илија Циривири и Дејан Илиев. Во филмот игра и Милан Тоциновски.

Сите против сите е политички трилер чие дејствие се случува во измислено место Ровте под идиличните Алпи во Словенија и зборува за демократијата, изборните измами и уништувањето на социјалните вредности.

„Словенечката транзиција ни покажа дека демократијата и политиката станаа синоним за корупција. Филмот го поставив како огледало на светот во кој живеам денес. Главниот лик е градоначалникот Франт, кој ги губи изборите во малиот словенечки град Ровте и е присилен да соработува со криминалци. Сите против сите на локално ниво покажува дека живееме во глобален свет на лажни вести, политички спинови и корупција каде моралот и етиката ја имаат изгубено важноста.“

Прв филм на Андреј Кошак е Аутсајдер кој го погледнале 100.000 гледачи во Словенија, негов втор филм е Зуење во главата кој го работел заедно со Дејан Дуковски, а неговиот трет долгометражен филм Состојба на шок е прикажан во Македонија и има 1 200 000 прегледи на јутјуб.

Македонската премиера на филмот ќе се случи во текот на оваа година.