Жири комисијата ги определи авторите на најдобрите творби-карикатури добитници на наградите на петтиот Меѓународен конкурс за карикатура „Невестинско Поклонение“, авторски проект на Стојанче Величковски што се имплементира преку РЗР „ПАТНИК“ од Крива Паланка со подршка на Министерството за култура и Општина Крива Паланка.
-И на годинашното , петто издание, пристигнаа неколку стотици карикатури. Овој е по многу нешта уникатен конккурс, а стана препознатлив културен бренд на глобално ниво како еден од ретките конкурси во светот кој тематски ги третира социјалните односи во семејството, како што се: „Односот снаа-свекрва“ (две години од организирањето), „Мажот како колатерална штета во односот снаа – свекрва“, „Пред и после бракот“ и овогодишниот конкурс, на тема „Традиционалните свадбени обичаи во светот“, сите инспиративни и предизвикувачки за израз преку карикатура, извави авторот на конкурсот, Стојанче Величковски.
Во интернационалниот дел на жири комисијата беа: Мостафа Рамезани, светски еминентен карикатурист од Франција, Дариуш Дабровски од Полска, последниот освојувач на трофејот „Невестулка“, Дамир Новак, познат карикатурист од Хрватска и Цивал Ајштајн афирмиран карикатурист од Бразил што учествувал на сите претходно одржани конкурси, а националниот: авторот на конкурсот, Стојанче Величковски, познат македонски графички дизајнер, хералдички уметник и фотограф како и еминетните македонски карикатуристи, Јордан Поп Илиев, Никола Ангелковски и Миро Георгиевски.
Главната награда на конкурсот е престижниот трофеј „Невестулка“,златен медаљ и двесте долари парична награда, а годинава му припаднаа на Миленко Косановиќ од Србија, второто место, сребрен медаљ и 150 долари му припаднаа на Олекси Кустовски од Украина, додека третата награда и бронзен медаљ и сто долари за Дарко Дрљевиќ од Црна Гора.
Специјална награда, плакета, за најдобра колекција му е доделена на Горан Челичанин од Србија.
Избор на дела од Меѓународниот конкурс за карикатура „Невестинско Поклонение“ веќе биле поставувани на изложби во: Крива Паланка, Куманово, Скопје, Радовиш, Кратово, како и во Шумен и Тополовград, Република Бугарија. Интересот за квалитетните збирки од Меѓународниот конкурс е се поголем, а интерес за претставување на карикатурите има пројавено во Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Словенија.
-Вистински куриозитет за конкурсот е тоа што самиот конкурс е инспириран од Традиционалната културна манифестација „Невестинско Поклонение“ која што ќе се одржи по 11-ти пат на 8 март 2020 година во кривопаланечкото село Конопница. Во изминатиот период на конкурсот учествувале над 500 автори од околу 70-тина земји од сите континенти, додаде Величковски.