Прилепскиот уметник, карикатурист и стрип-мајстор, Златко Крстевски синоќа во изложбениот салон од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп отвори изложба на дела, слики масло на платно насловена ,,Terra Incognita“. Тематската изложба на Крстевски содржи 22 дела. Сликите масло на платно се создадени во периодот од 1990 до 2020 година.

Крстевски вели дека делата се инспирирани од средновековното византиско сликарство.

-Делата се со силна визуелна сугестија каде се испреплетуваат сонот и имагинарното, апстрактното и фигуративното помеѓу чистиот израз и приказната за ,,Terra Incognita“. Инспириран сум од средновековното византиско сликарство, користејќи го синилото и окерот како медитерански знак за изразување, рече Крстевски.

Крстевски има бројни изложби во земјава и странство, застапен е во арт-антологии и има бројни перформанси. Добитник е на повеќе награди во земјава и во светот, зашто многу успешно се занимава со сатиричниот цртеж, со карикатурата и стрипот што му се долгогодишна успешна преокупација.