На ревијата на македонски филм „Златна рамка“ денеска ќе се одржи презентација на МЕДИА Деск МК на тема „Како се евалуираат проектите на МЕДИА?“, а утре и трибина насловена „Жената во македонскиот филм“.

Покрај идеите за филмски проекти, важно прашање е и нивното финансирање. Потпрограмата МЕДИА од програмата на ЕУ „Креативна Европа“ дава голема поддршка, а актуелен е повикот „Развој на проект“.

На презентацијата во МКЦ од 11:30 часот, која е отворена за јавноста, предвидена е и средба со Маша Марковиќ – експерт за евалуација на проектите аплицирани на повикот за „Развој на проект“ на програмата Креативна Европа МЕДИА.

-Целта на оваа презентација е македонските филмски професионалци да се запознаат со процесот на евалуација и начинот на оценување за овој повик за кој има најголем интерес во Македонија, соопшти организаторот.

Како дел од програмата на „Златна рамка 2020“, утре од 11:30 часот во кино „Фросина“ ќе се одржи трибина „Жената во македонскиот филм“ на која ќе се дискутира за улогата и статусот на жените вклучени во сите сегменти на реализација на еден филм.

Од трибината се очекуваат одговори на повеќе прашања, меѓу кои: колкава е застапеноста на жените во домашната кинематографија; какви биле женските актерски улоги во минатото, а какви се денес; колку авторите во сценаријата ги потенцираат сите идентитети на еден женски карактер; дали во филмската индустрија жените продуценти заземаат доволно место; колку се почитува пожртвуваноста на актерките во нивната професија…

Најавено е учество на актерките Наталија Теодосиева и Кристина Леловац, актерот Перо Арсовски, костимографката Емилија И. Атанасовска и режисерот Даријан Пејовски.