Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“ и издавачката куќа „Бата прес“ организираа чествување на писателот, литературен критичар и есеист Трајан Мартиноски (1951-1999).

За неговото творештво зборуваа сликарот и хуманист Живко Попоски-Цветин, уредникот на издавачката куќа, Ненад Баткоски, како и промоторот на делата на Мартиновски, интернационалниот шаховски мајстор Димитар Илиевски.

-На средбата во боемскиот ресторан „Идадија М“ со читање проза и стихови учествуваа новинарот и писател Томислав Башевски, поетесата Драгица Пандиловска, новинарката-уредничка во Македонското радио Валентина Новковска-Трајковска и други претставници од македонската култура и уметност, соопшти „Бата прес“.

Трајан Мартиноски објави повеќе книги и монографии, меѓу кои: „Говорот на цвеќето“, „Петнаесет пеења за Карванот на цвеќето на мирот“, „Гробот на Чинго“, „Брезово – биографија на каменот и цветот“, „Златниот венец на спомените“, „Кон културното наследство“, „Христовиот гроб“, „Дулбија“, а незавршен и необјавен му остана автобиографскиот роман „Бивш човек“.