Со новата Уредба за примена на Законот за трговските друштва (Службен весник на РСМ бр.87/2020) се исполнети законските услови и Комерцијална банка АД Скопје вчера го одржа своето редовно Годишно собрание, на кое акционерите учествуваа и гласаа преку писмена кореспонденција.
Акционерите потврдија дека банката ја заврши 2019 година со бруто-добивка во износ од 1.986,7 милиони денари. По пресметување на данокот на добивка од 179,9 милиони денари, нето-добивката на Банката изнесува 1.806,8 милиони денари.
Акционерите на Банката донесоа одлука за употреба и распоредување на нераспределената добивка во износ од 1.806,8 милиони денари и ја утврдија дивидендата за обичните акции во висина од 55% од номиналната вредност на акцијата, односно по 550 денари на една акција. Заради зголемување на вкупниот капитал на Банката и на книговодствената вредност на акциите на Банката, акционерите одлучија дел од добивката во износ од 553 милиони денари да се издвои во резерви.
Собранието ги усвои финансиските извештаи и консолидираните финансиски извештаи, годишната сметка на банката и консолидираната годишна сметка на банката за 2019 година, како и извештајот за усогласеноста на работењето на банката со Кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на Македонската берза во 2019 година и повторно ги избра членовите на Надзорниот одбор на Банката за следните 4 години.