Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје деновиве ја објави книгата „Така зборуваше Лао Це. Тао Те Кинг – нов превод со коментари“ од познатиот кинеско-американски синолог Чарлс Ќ. Ву. Книгата е објавена двојазично – на македонски јазик и на англиски јазик, а поглавјата од „Тао Те Кинг“ се објавени и во оригинал – на кинески јазик. Преводот од англиски на македонски јазик е на Сибел Ајдинова.

Чарлс Ќ. Ву е кинеско-американски универзитетски професор и како одличен познавач на древната кинеска филозофија, но и на англискиот и на кинескиот јазик, и покрај многубројните досегашни преводи на ова дело на англиски јазик, изврши нов превод на делото на Лао Це на англиски јазик, но како одличен познавач на таоизмот истовремено нуди толкувања и суштински анализи на текстот на Лао Це, со кои му дава нова светлина од семантички, филозофски и историски аспект на ова дело, односно на учењето на Лао Це и на таоизмот. Бидејќи во дефини¬ра¬њето и во прецизирањето на терминологијата тој се повикува на англискиот јазик, на кој досега се извршени најмногу преводи на „Тао Те Кинг“, но и затоа што повеќе терминолошки појаснувања се однесуваат на лексиката на англискиот јазик, ова дело на Чарлс Ќ. Ву „Македоника литера“ го објави двојазично, а автентичниот текст на „Тао Те Кинг“ – тројазично. Кинескиот текст е отпечатен и во формата на традиционалните знаци и во формата на упростените знаци.

„Tао Tе Kинг“ не е само книга на идеи, туку дело и на книжевната уметност. Тоа е едно од најпреведуваните и највлијателните дела од светската литература. Овој нов превод му дава една нова димензија на делото на древниот кинески филозоф Лао Це.

Во текот на својата историја, „Тао Те Кинг“ бил читан на многу начини, како книга за филозофијата и метафизиката, како религиозно писмо, како класик за самоусовршување, сов嬬ти за управување, основен текст за воена стратегија, енци¬кло¬педија на практичната мудрост, претхристијанско пророштво и така натаму. Иако сите овие читања се можни, нивна¬та полноважност зависи од основното разбирање на трите клучни концепти содржани во насловот.

Д-р Чарлс Ќ. Ву, професор емеритус за кинески и хумани¬тарни науки на Колеџот Рид, САД, е роден и израснат во Шангај, Кина. Дипломирал англиски јазик на Пекиншки универзитет за странски студии во 1954 година, а потоа завршил постдипломски студии. Се вработува на својот матичен Факултетот за англиски јазик, во 1957 година. Во 1980 година заминува на Универзитетот Колумбија на постдипломски студии за англиска литература, а во 1987 година се стекнува со титулата доктор на науки. Неговата доктор¬ска дисертација е за таоистичкото читање на англис¬киот романтичарски поет Вилијам Вордсворт.

Потоа д-р Ву, својот интерес од англиската литература го свртува кон кинеската култура. Од 1987 до 2002 година преда¬ва кинески јазик, литература и цивилизација на Колеџот Рид. Одржува јавни предавања за традиционалната кинеска култу¬ра надвор од кампусот и организира студиски патувања од САД во Кина. Новата книга на д-р Ву „Така зборуваше Лао Це: нов превод со коментари на Тао Те Кинг“, ја црпи својата моќ од неговите одлични двојазични вештини и интеркултурната позиција што ја има. Таа претставува нов инструмент за читателите што зборуваат англиски јазик кои се интересираат за класичната кинеска култура.