Државниот завод за статистика денеска одбележува 75-годишен јубилеј. По тој повод разговаравме со директорот на ДЗС, Апостол Симовски за македонската статистика, предизвиците низ годините и новите пристапи во прибирањето, обработката и дисеминацијата на статистичките податоци.

Пред нас, вели првиот човек на ДЗС Симовски, е и големата задача да спроведеме попис на населението, домаќинствата и становите, кој ќе даде реална фотографска слика на состојбата во државата, а со неговото успешно спроведување ќе ја исправиме и големата грешка – пропаднатиот попис во 2011 година.

Тој говори за можноста од спроведување електронски попис, за приоритетите на ДЗС во следниот период и за улогата на статистиката во претстојните пристапни преговори со Европската Унија.

Први јуни е Денот на македонската статистика. Каде стаса Државниот завод за статистика во овие 75 години?

– Државниот завод за статистика на 1 јуни одбележува голем јубилеј – 75 години од неговото формирање.

Во далечната 1945 година, на 1 јуни Владата на Народна Република Македонија го формира Македонскиот федерален статистички уред. Со тоа, првпат во историјата на македонската државност се појавува орган со задача статистички да го следи и прикажува развојот на НР Македонија.

Импресивно е она што е постигнато во овие 75 години. Од скромните почетоци во повоена Македонија, започнува и континуираниот раст и развој на македонската официјална статистика преку огромен број организациски и структурни промени, зголемувања на надлежностите, одговарање на новите потреби на општеството, едноставно кажано, растејќи заедно со државата.

Денес Државниот завод за статистика е современа, професионална, стручна и независна институција во чиј фокус е производството на навремени, веродостојни и проверени статистички податоци, кои одговараат на големите потреби на сите наши корисници.

Како се справувате со тековната ситуација со коронавирусот?

– Наша должност е, но и наша определба, да ги зголемуваме капацитетите, човечки и технолошки, кои ќе овозможат справување со сите предизвици со кои се соочуваме во секојдневното работење. Таков е и овој предизвик со кој се соочуваме во изминативе месеци – КОВИД-19 – невидлив непријател, што го промени начинот на живот и начинот на работење кај сите нас.

Tокму овој најнов предизвик нè поттикна да размислуваме малку поинаку и да ги концентрираме напорите кон изнаоѓање нови решенија, нови методи и нови процедури, кои ќе овозможат извршување на секојдневните работни задачи. Секако, сите преземени дејства во насока на ефикасно работење во изменетите услови се во потполна согласност и вo рамките на препораките и упатствата што ги издаваат надлежните органи во државата.

И покрај сите неповолни околности околу вирусната зараза, сите предвидени статистички истражувања се реализираат тековно, со предвидената динамика и без застој со еден исклучок во анкетното истражување Анкета за потрошувачката на домаќинствата, при што е изоставен еден интервал на посета на домаќинствата.

Дали размислувате за нови пристапи во прибирањето, обработката и дисеминацијата на статистичките податоци?

– Како координатори на националниот статистички систем, заедно со сите други овластени носители на статистички истражувања, се трудиме да ги почитуваме и применуваме меѓународните стандарди и препораки во областа на статистиката што нè прави дел од европското и светското статистичко семејство.

Исправени пред новите предизвици што ги носи времето, продолжуваме со напорите за изнаоѓање најсоодветни технички и технолошки решенија, кои ќе овозможат поголем обем на прибрани податоци, побрза обработка и, секако, нивна достапнопст за широкиот круг корисници на официјалните статистички податоци.

Изнаоѓањето алтернативен извор на податоци преку сè поголемо користење на административните извори нè тера посветено да градиме стратегиски партнерства и меѓуинституционална соработка со сите чинители во општеството, а особено со оние кои поседуваат регистри и збирки на податоци.

Кои се приоритетите на институцијата во следниот период?

– Постојан приоритет на нашата институција секако е одговорноста за издигнувањето на свеста за значењето и важноста на официјалната статистика во секоја пора на општественото живеење и креирање одржлива стратегија за раст и развој на националниот статистички систем.

Пред нас е и големата задача да спроведеме попис на населението, домаќинствата и становите, кој ќе даде реална фотографска слика на состојбата во државата, а со неговото успешно спроведување ќе ја исправиме и големата грешка – пропаднатиот попис во 2011 година.

Секако, нè чекаат и пристапните преговори со Европската Унија. Тоа е процес во кој Државниот завод за статистика и целиот национален статистички систем играат огромна улога преку обезбедувањето податоци за поставување на преговарачките позиции, но и во самиот процес на преговарање во сите поглавја.

И, секако, неизбежно е прашањето за пописот. Што е со пописот?

– Активностите за подготовката на пописот на населението, домаќинствата и становите течат според предвидената динамика. Најголемиот дел од подготовките се веќе завршени, а остануваат обврските кои според плановите временски се детерминирани за крајот на оваа и почетокот на наредната 2021 година (тестирање, селекција и обука на учесниците во пописот на терен). И, секако, вообичаениот одговор кога ме прашуваат до каде е пописот?

Пописот во голема мера зависи од донесувањето на Закон за попис (што го носи Собранието).

Колку сме далеку од електронски избори и електронски попис?

За електронски избори не можам да зборувам затоа што тоа не е во доменот на работа на Државниот завод за статистика.

Во однос на електронскиот попис, ние тоа го нарекуваме попис базиран на регистри – тоа е реалност што ќе се случи по спроведувањето на следниов попис, кој е предвиден да се спроведе со комбиниран метод – теренско прибирање и податоци од регистри. За еден попис да биде целосно спроведен според регистри, потребно е да имаме адресен регистар за кој се надеваме дека ќе биде готов во следните неколку години. Со добар адресен регистар, пописот ќе може да се прави и само врз основа на регистри.

Во овој момент нам како држава ни е потребен овој комбиниран метод на попишување за да можеме да ги опфатиме сите единици на попис во државата, но и да имаме реални бројки за луѓето кои се иселиле од државата, односно реална слика на емиграцијата.


Администратор
01/06/2020 14:00