Мирослав Трајковски од Скопје со ракописот „Белези“ е избран за најдобар на конкурсот за објавување прва книга во рамки на проектот „Млади македонски писатели“, што го покрена и распиша Фондацијата за културна и научна афирмација и презентација „Македонија пресент“ од Скопје во соработка со Агенцијата за млади и спорт.

Како што информира селекторот, професор Христо Петрески, на конкурсот пристигнале повеќе од 25 ракописи од млади автори до 30-годишна возраст.

– Најголемиот број од ракописите беа поетски, а неколку беа и раскази и романи. Главно, ракописите беа наменети за возрасни, а неколку беа и со содржини за деца и млади. Авторите беа од Скопје, но и од другите градови во Републиката: Охрид, Битола, Кавадарци, Прилеп, Куманово, Кичево, Берово, Штип, Струмица, Велес…, изјави Петрески.

По внимателно разгледување и читаење на сите пристигнати ракописи, било одлучено дека најдобар е ракописот „Белези“ на Трајковски. Ракописот содржи 31 песна и седум писма.

Оваа книга ќе биде објавена во едицијата „Прва книга“ до крајот на овој месец, кога се очекува да излезе од печат и првиот двоброј на списанието „Пергамент“, во кое ќе бидат објавени и дел од творбите од ракописите пристигнати на првиот Конкурс за објавување книга во едицијата „Прва книга“.