Велешкиот писател и поет Игор Крајчев вечер од 18 часот на Фејсбук ќе организира втор „United World of Poetry“ по успехот од првиот, а овојпат ќе учествуваат 21 поет од 19 држави од Европа, Азија, Африка, Австралија и од Северна и Јужна Америка.
Идејата на авторот со овој проект е дека различните јазици не се пречка за комуникација меѓу поетите, особено во време на пандемија, затоа што го зборуваат јазикот на поезијата.
Учество на настанот потврдиле поетот Јусеф Комунјака од САД, добитник на Пулицерова награда, младиот поет, студент на „Беркли“ и асистент на Универзитетот „Стенфорд“ – Маршал Ли од Кина, директорот на интернационалниот фестивал за млади поети „La Juntada“ – Николас Антониоли од Аргентина, наградуваната италијанска поетеса со германско потекло, Антје Штехн, уредничка на поетскиот магазин „ТамТамБумБум“, коосновачот на светското поетско движење „100 Thousand Poets for Change“ – Мајкл Ротенберг, Далила Хиауи од Мароко, асистент секретар за арапскиот свет при Светското поетско движење, како и други автори.
Универзитетската професорка Аида Фатахова од Русија, која докторирала за лингвопоетиката на Мајаковски, ќе изведе руска фолклорна песна на изворен руски инструмент крез.
Во чест на Кочо Рацин, поетскиот симбол на Велес, организаторот на настанот Игор Крајчев за МИА најави дека настанот ќе го почне со песна од Рацин. Поетскиот настан ќе се пренесува во живо на Фејсбук, а снимката ќе биде поставена на Јутјуб.