„Ќерката на дрвосечачот“ беше најпродаваната македонска книга во земјата за изминатата, 2019 година. Со стотици неверојатни коментари од трогнати читатели, романот за само осум месеци стигна до четврто издание и остави трага кај сите оние кои го прочитаа.
Сега, по една година од дебитантската книга на авторката Наде Стојилковиќ, ни доаѓа нова семејна драма од нејзиното перо. Исто како и претходното, така и ова дело, насловено „Тајната на Алексови“, е неверојатно емотивно и трогателно, па читателите ни овој пат нема да можат да останат рамнодушни на прозата на Стојилковиќ.
„Тајната на Алексови“ е семејна сага на три генерации жени. А сè почнува од еден маж... Алекса Алексов потекнува од богато и познато семејство. Тој е единец на мајка и татко кои многу се обидувале, но не можеле да имаат други деца, па можеби токму тоа е причината што е по малку разгален, што сè му е допуштено, што има малку тежок табиет и никој едноставно не може да го одбие за ништо. Така, уште првиот ден кога ја здогледува помладата и преубава Дафина, решава дека таа мора да му стане жена.
Но, како што велат злобните соседи, семето на Алексови тешко фаќа, не вирее. По пет неплодни и страдални години, најпосле им се раѓа првата ќерка. Потоа, им се раѓа и втората. И третата Алекса е изгорен за син и не го крие тоа, па Дафина е несреќна што не може да му го даде наследникот по кој тој толку копнее. Ова незадоволство дополнително го потпалува лошиот табиет на Алекса, па трите сестри почнуваат да живеат во страв од нивниот избувлив татко, обвинувајќи се себеси што не се тоа што тој најмногу го посакува. И баш кога помислуваат дека среќата конечно ќе им се насмевне, зад аголот чека ново страдање…
„Тајната на Алексови“ е мало клопче од тајни, страдања и солзи.
Книгата е достапна во книжарниците на Сакам Книги во Центар и Капитол Мол, како и онлајн на www.sakamknigi.mk.