Доцна синојќа пред завршувањето на вонредната состојба, техничката влада задолжена за организација на изборите направи дрзок врз Изборниот законик и на 24 часа пред почетокот на изборната кампања се одлучи да ги смени правилата за рекламирање на политичките партии.

Согласно Уредбата, која во поголем дел е нејасна и потребно е добро познавање на регулативата за правилно толкување, власта им овозможува на СДСМ и БЕСА во меѓусебен договор да добијат поголем рекламен колач во телевизиите а средствата за порталите се скратени на половина за опозициските партии од досега предвидените.

Воедно,Владата исто како и за Уредбата за СЈО така и за овие изборни правила, што е незамисливо во една нормална, демократска држава да се менуваат непосредно пред стартот на изборниот процес, исто како и за Уредбата за СЈО така и за оваа не ја извести јавноста за донесените одлуки.

Во продолжение Уредбата со која се диктираат правилата на еден ден пред почетокот на кампањата.

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 22 јуни 2020 година, донесе

УРЕДБА

СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРАШАЊА ПОВРЗАНИ СО ИЗБОРИТЕ ЗА ПРАТЕНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА НА 15 ЈУЛИ 2020 ГОДИНА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите за пратеници во Собранието на Република Македонија на 15 јули 2020 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 160/20), по членот 5 се додава нов член 5-а, кој гласи:

„Член 5-а

Доколку не се исполнети просторните услови на просторијата во која е сместено гласачкото место или просторијата каде што треба да се спроведува гласањето Државната изборна комисија може да определи друг соодветен простор кој ги исполнува условите за спроведување на гласањето.”

Член 2

Во членот 7 по зборот „емитуваат” се додаваат зборовите „вкупно 15 часа на ден платено политичко рекламирање, односно”, а по зборовите „две минути“ се става запирка и се додаваат зборовите „при што ниеден подносител на листа не може да користи повеќе од 3 минути време за рекламирање на реален час за платено политичко рекламирање.”

По ставот 1 се додава три нови става 2, 3 и 4 кои гласат:

“Подносител на листа кој е од редот на двете најголеми политички партии на власта може да користи повеќе од 3 минути време за рекламирање на реален час платено политичко рекламирање, доколку другата најголема политичка партија на власта изрично се согласи со тоа и и отстапи дел од времето кое нејзе и припаѓа. Доколку едната од најголемите политички партии на власта не е подносител на листа, најголемата политичка партија од власта која е подносител на листа не може да користи повеќе од 3 минути време за рекламирање на реален час.

Подносител на листа кој е од редот на двете најголеми политчки партии од опозиција може да користи повеќе од 3 минути време за рекламирање на реален час платено политичко рекламирање, доколку другата најголема политичка партија од опозиција изрично се согласи со тоа и отстапи дел од времето кое нејзе и припаѓа. Доколку едната од најголемите политички партии од опозиција не е подносител на листа, најголемата политичка партија од опозиција која е подносител на листа не може да користи повеќе од 3 минути време за рекламирање на реален час.

Медиумите од членот 76 став 7 од Изборниот законик се должни бесплатно да ги емитуваат информативните и едукативните кампањи на Државната изборна комисија во траење од 30 секунди на секој час.”

Член 3

По членот 7 се додаваат два нови члена 7-а и 7-б кои гласат:

“Член 7-а

При распределбата на рекламниот простор на електронските медиуми (интернет портали) и печатените медиуми наменет за платено политичко рекламирање, согласно член 75-ѓ став 12 алинеја 1 од Изборниот законик, едната од најголемите политички партии од власта може да користи најмногу половина од просторот кој е одреден за рекламен простор наменет за двете најголеми политички партии од позицијата, освен доколку другата најголема политичка партија на власта изрично се согласи да и отстапи дел од просторот кој нејзе и припаѓа. Доколку едната од најголемите политички партии на власта не е подносител на листа, најголемата политичка партија од власта која е подносител на листа не може да користи повеќе од половина од просторот утврден во членот 75-ѓ став 12 алинеја 1 од Изборниот законик, како простор наменет за најголемите политички партии во власта.

При распределбата на рекламниот простор на електронските медиуми (интернет портали) и печатените медиуми наменет за платено политичко рекламирање, согласно член 75-ѓ став 12 алинеја 2 од Изборниот законик, едната од најголемите политички партии во опозиција може да користи најмногу половина од просторот кој е одреден за рекламен простор наменет за двете најголеми политички партии во опозиција, освен доколку другата најголема политичка партија од опозиција изрично се согласи да и отстапи дел од просторот кој нејзе и припаѓа. Доколку едната од најголемите политички партии од опозиција не е подносител на листа, најголемата политичка партија од опозиција која е подносител на листа не може да користи повеќе од половина од просторот утврден во членот 75-ѓ став 12 алинеја 2 од Изборниот законик, како простор наменет за најголемите политички партии во опозиција.

Член 7-б

При распределбата на финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Република Македонија согласно член 76-д од Изборниот законик, едната од најголемите политички партии од власта може да користи најмногу половина од средствата од членот 76-д став 4 алинеја 1 од Изборниот законик, освен доколку другата најголема политичка партија на власта изрично се согласи да и отстапи дел од другата половина од средствата од членот 76-д став 4 алинеја 1 од Изборниот законик. Доколку едната од најголемите политички партии на власта не е подносител на листа, најголемата политичка партија од власта која е подносител на листа не може да користи повеќе од половина од средствата утврдени во членот 76-д став 4 алинеја 1 од Изборниот законик.

При распределбата на финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Република Македонија согласно член 76-д од Изборниот законик, едната од најголемите политички партии од опозиција може да користи најмногу половина од средствата од членот 76-д став 4 алинеја 2 од Изборниот законик, освен доколку другата најголема политичка партија од опозиција изрично се согласи да и отстапи дел од другата половина од средствата од членот 76-д став 4 алинеја 2 од Изборниот законик. Доколку едната од најголемите политички партии во опозиција не е подносител на листа, најголемата политичка партија од опозиција која е подносител на листа не може да користи повеќе од половина од средствата утврдени во членот 76-д став 4 алинеја 2 од Изборниот законик.”