Изборната кампањата ќе почне вечер, но Упатството за лимитите за платено политичко рекламирање на изборите во 2020 година ќе биде донесено утре. Ова вечерва го соопшти директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) Зоран Трајчевски во дебатната емисија „Топ Тема“ на ТВ Телма.
Прашан за Упатство за лимитите за платено политичко рекламирање на изборите во 2020 година што го подготвува АВМУ, Трајчевски рече дека од медиумите разбрале за Уредбата на Владата.
– Прочитавме по медиумите што е донесено, меѓутоа без да го имаме текстот што ќе биде објавен во Службен весник не можеме да носиме Упатство. И во преамбулата на Упатството се третираат сите закони, односно измени на Изборниот законик, нормално и уредбите што ги носела Владата. Имавме закажано седница за денеска, во 21 часот, но бидејќи Уредбата излезе во Службен весник во 18:22 часот, седницата е презакажана за утре во 12 часот за да можат службите да го прилагодат Упатството на последната Уредба, а исто така да им биде доставено и на советниците да имаат барем неколку часа да го погледнат пред да го усвојат на седница. Кампањата ќе почне вечер, но упатството ќе биде донесено некаде утре на пладне, рече Трајчевски.
Директорот на АВМУ изјави дека генерално утре ќе бидат полиберални и евентуални мали или несакани прекршувања нема да ги казнуваат бидејќи, како што рече, во оваа ситуација ни најмалку не се виновни медиумите за ваквото несериозно однесување на Владата.