Најголемиот настан во Малешевијата и пошироко во регионот „Фестивал на дувачки оркестри“ кој традиционално се одржува за празникот „Павловден“ во Пехчево, е откажан и нема да се одржи оваа година.

На прес-конференција веста ја соопшти градоначалникот Драган Тренчовски, кој рече дека по 2011 година, ова е првпат да не се организира овој фестивал, кој привлекува околу 50 илјади посетители туристи во Пехчево.

– Разговаравме долго, обезбедивме првпат финансиски средства од Министерството за култура на Рeпублика Северна Македонија, се консултиравме со стручни лица од областа и со Комисијата за заразни болести, развивме сеопфатен протокол, но сфативме дека со оглед на моменталната епидемиолошка состојба, Фестивалот на дувачки оркестри, не треба да се одржи, а со тоа болеста ќе има малку или никакви шанси да нѐ допре, истакна Тренчовски.

Од таа причина, Живко Каликов од Општина Пехчево најави побогати фестивалски денови за идното јубилејното 10-то издание на фестивалот во Пехчево.

– Со оглед на масовноста на публиката на фестивалот и воопшто, неговиот концепт, одлучивме истите изведувачи кои веќе беа договорени да ги префлиме за следната година, па така, јубилејното 10-то издание на Фестивалот заедно со Етно-саемот ќе биде четири дена и ќе се одржи догодина за време на празникот на градот „Павловден“ на истата локација, градски плоштад „Св.Петар и Павле“, истакна Каликов.

Каликов посочи дека до сега се поминати девет незаборавни фестивалски изданија, проследени со многу магични моменти, насмевки, емоции и незаборавни забави и изрази надеж дека догодина ќе се надомести пропуштеното од оваа година.