Оваа година навршуваат 25 години од филмскиот хит „Опасни мисли“ (Dangerous Minds) со Мишел Фајфер во главната улога, но и од песната „Gangsta paradise“ којашто произлезе од филмот и се претвори во своевиден рап-евергрин.

Раперот Кулио (57) поради таа песна доби бројни награди и милиони обожаватели низ цел свет. Но, од денешно гледиште, тој смета дека филмот како приказна е големо клише и по малку утописки, како и сличните нему – „Слепа страна“ (The Blind Side) со Сандра Булок, или „Помош“ (The Help), што раскажуваат за т.н. „бели спасители“.

– Искрено, ги мразам овие филмови, каде што, нели – „белата надеж“ доаѓа во зафрлен дел од градот и ги спасува децата… Тие случаи се многу ретки. Не многу луѓе во вистинскиот живот се грижат едни за други, изјави Кулио.

„Опасни мисли“ е филм заснован на вистинската приказна за наставничката од Калифорнија Лу-Ен Џонсон, која претходно била маринец во Американската армија. Со буџет од 23 милиони долари, филмот заработи над 180 милиони долари во САД.

Песната „Gangsta paradise“ како сингл пред 25 години беше продадена во шест милиони копии низ цел свет.


Администратор
10/08/2020 12:27