„Македоника литера“ деновиве ја објави книгата „Вовед во кинеската култура“ од авторите Је Ланг и Џу Лиангџи, монографија за кинеската култура – од почетоците на кинеската цивилизација и големите пронајдоци на древна Кина до денес. Книгата дава детален вовед за одредени специфични особености и акценти на кинеската култура, односно духот и суштинските вредности на кинеската култура.

-Во неа е даден преглед на севкупната кинеска култура, со посебен детален опис на најзначајните аспекти и на одредени уникатни карактеристики и одлики на кинеската култура. Во 30 поглавја, и со голем број илустрации, во книгата се објаснуваат класичната филозофија, мудроста и религијата на Кина, креативноста и комуникацијата, уметноста и естетиката, како и нејзините народни обичаи и традиции. Книгата се фокусира на културниот дух и основните вредности, демонстрирајќи го шармот на кинеската култура со атрактивни описи, како и животните ставови и естетскиот вкус на кинескиот народ и универзалните вредности содржани во кинеската култура, соопшти „Македоника литера“.

Темите опфатени во оваа книга се движат од древните чуда, како што се Забранетиот град, Големиот ѕид, теракотната војска и традиционалните живеалишта на обичните луѓе, па сè до трајните уметнички дела во калиграфијата, сликарството, пејзажното сликарство, градинарство, пекиншката опера, порцеланот…

„Македоника литера“ наведува дека авторите се врвни познавачи на кинеската култура. Ѓе Ланг е професор по филозофија и декан на Факултетот за уметности на Универзитетот во Пекинг. Неговите главни дела се однесуваат на историјата на кинеската естетика и естетика во кинеските романи. Џи Лиангџи е професор по филозофија на Универзитетот во Пекинг. Автор е на повеќе дела за кинески уметности.

„Вовед во кинеската култура“ е веќе објавена на петнаесетина јазици. Од англиски на македонски јазик ја преведе Елена Саздовска.