Малите партии коалициони партнери на СДСМ во рамките на „Можеме“ се незадоволни од начинот на кој Зоран Заев ги води преговорите со ДУИ - дознава Макпрес. ВМРО НП, ДС и ЛДП жестоко се противеле на темата да се дозволи човек од албанската етничка заедница во земјава да биде премиер, кога настапот на „Можеме“ доби гласови заради тоа што тие го понудиле, а не заради понудата на ДУИ.
Заради револтот Заев е под двоен притисок: Eдна страна од условите на ДУИ, кои очигледно не отстапуваат од премиерската позиција, а од друга партнерите во коалицијата кои не го дозволуваат тоа. Извори на Макпрес во коалицијата предводена од Заев велат дека пратениците од ВМРО НП, притискале за клучни директорски позиции во одредени институции во рамки на новата Влада, функции кои лидерот на СДСМ претходно ги ветил за други партии.
- Заев е мета на уцени од сите страни и надвор и внатре. Каде и да рече „не“ ризикува подеднакво сопствен политички крај, вели нашиот извор.
Во меѓувреме, официјално СДСМ соопштува дека разговорите уште траат а ќе ја известат јавноста за договорите кога ќе се постигнат. Дел од медиумите објавуваат дека СДСМ и ДУИ се во постојана комуникација ама на ниво на Љупчо Николовски и Артан Груби. Што се однесува до позицијата Албанец премиер, официјалниот став на партијата на Заев е дека тој е мандатарот.