Во рамки на јубилејното одбележување на годинешното издание на Охридско лето, денеска во предворјето на Св. Софија, ќе биде промовирана монографијата „Фестивалска приказна“ од авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Роза Нолчева-Ангеловска.
Модератор на промоцијата ќе биде новинарот Милчо Јованоски, а свое обраќање ќе има и градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески.
– Достојно за големината на Фестивалот со оваа публикација трајно ќе ја сочуваме богатата историја на нашата најголема музичко сценска манифестација. Многу врвни уметници тука, на фестивалската сцена, оставиле свој белег и се заслужни за успесите на Фестивалот. Со нивните врвни настапи придонеле бројни љубители на уметноста да го сакаат и помагаат Охридско лето. Благодарни сме на сите градители на ова големо дело. Токму затоа огромна е честта што имаме прилика да промовираме монографија во која се испишани 60 години успешна приказна на Фестивалот, вели директорката на Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Поповиќ потенцира дека Монографијата е посветена на сите оние кои изминативе шеесет фестивалски изданија го граделе Охридско лето но и на оние кои доаѓаат, на генерации уметници и почитувачи на уметноста кои ќе бидат дел од оваа врвна манифестација.
Интенцијата на авторите е да создадат дело, кое ќе биде напишано со јазик, прифатлив и интересен и за пошироката публика. Јазик, насочен кон збогатувањето и разнообразноста на сознанијата за фестивалот „Охридско лето“, за неговиот почеток, развој и културолошко значење, особено сознанијата на помладата, нова генерација фестивалски вљубеници.
Двојазичаноста на монографијата „Фестивалска приказна” пишувана на македонски и англиски јазик, уште еднаш го нагласува интернационалното значење и интерес за фестивалот „Охридско лето“ – член на Европската асоцијација на фестивали.
Монографијата „Фестивалска приказна” е богато илустрирана, како со фотодокументи од бројни настапи на врвни уметници, така и на начин кој неминовно ја потцртува поврзаноста на Охридско лето со суштината и историските специфики на самиот град Охрид.