Професор д-р Павле Митрески денеска во Охрид ги промовираше своите три нови книги, „Михајло Идворски Пупин“ (Од Вевчани до Идвор), „Студии за Охридско-струшкиот регион“ (четврта книга) и „Српски документи (1890-1940)“.

Како историчар, Митрески истражувал многу личности и настани од историското минато на Охрид, посебно од времето на 19 и 20 век. Напишал повеќе дела посветени на Охрид и Македонија, за што се здобил и со високи признанија. Зад себе има 15 книги, од кои најмногу се вреднувани сега четирите посветени на Михајло Пупин и неговото потекло. За првите две книги посветени на Пупин го добива Медалот „Михајло Пупин“ највисокото одликување на Фондацијата „Младен Селак“ од Србија, востановено уште во 1979 година.

На денешната промоција авторот Митрески ќе рече дека науката нема дно, историјата нема крај, треба постојано да се истражува…

– Собирајќи исторски материјали, документи за општествените историски збиднувања дојдовме до непобитни сознанија за неспорната врска на релација Михајло Идворски Пупин и Македонија. Тоа го признава и Српската академија на науки и уметности, моите трудови посветени на Пупин ми се како втора докторска дисертација, изјави авторот Митрески за неговото последно дело посветено на Михајло Пупин.

Меѓу новите податоци што ги потврдуваат блиските врски на Пупин со Македонија се документите со кои Пупин во 1925 година е прогласен за почесен граѓанин на Охрид, писмо на Пупин во кое се заблагодарува на Охриѓани за подарена резба, документи за одржан парастос во црквата „Света Богоридица Каменско“ вториот ден по упокојувањето на големиот научник, објавен и некролог за неговата смрт…

За другите две книги презентирани денеска на промоцијата беше истакнато дека се вредни историски материјали што секако ќе бидат корисни за генерациите, пред се за историчарите оттаму што содржат досега непознати и необјавени оригинални документи.

– Станува збор за трајни историски записи што многу можат да користат во некои натамошни истражувања. Како пример би издвоил 40 оригинални страници материјал со опис на охридскиот округ од Свети Наум се до Дебар, напишани во 1914 година од тогашниот градоначачник Јован Ќирковиќ. Прекрасни историски податоци за животот во Охридско во тоа време, од тоа какви биле селата во тоа време, патиштата, училиштата, сето тоа изворно и најважно – интересен материјал што читателите ќе можат да го читаат како роман, рече Митрески.