Очекувам од новата влада законите да се носат со многу уцени, ова ќе биде влада со најтесно мнозинство до сега, нерасчистени односи внатре во коалицијата и краток рок на траење, анализира универзитетскиот професор Александар Даштевски.

-Очекувам да има уцени за многу закони, затоа што тесно е мнозинството. Често пати гледаме дека не се решени ни меѓусебните односи. Така што сметам дека многу тешко ќе функционира Владата. Не само што е тесно мнозинството, тоа е неприродна коалиција, затоа што цело време во предизборната кампања СДСМ и нивниот лидер ги напаѓаа ДУИ дека се криминалци дека треба да одговараат и дека нема повеќе да бидат во власта, изјави Даштевски за Алфа.

Од друга страна ситуацијата кај ДУИ може да е сериозен проблем.

-Многу се важни луѓето од терен, таков човек е Изет Меџити, кој заедно со другиот пратеник што не сакаше да гласа беа против изборот на двајца министри. А тие се луѓе кои донеле најмногу гласови во таборот на ДУИ и поради тоа сметам дека и понатаму ќе продолжат да поставуваат услови, бидејќи кој го контролира теренот, треба да ги контролира и работите во партијата, смета Даштевски.